Македонија
25. October 2021 - 12:22

Основниот суд во Битола има потреба од уште најмалку 5 судии

По систематизација, Основниот суд од Битола треба да работи со 25 судии на сите материи, но во моментот функционира со вкупно 17 судии, односно непополнети се 8 судски места.

-Ние сметаме дека во рамки на можностите би требало како суд со проширена надлежност да добиеме од академијата уште 3,4 или 5 судии како би можеле комплетно да го покриеме подрачјето кое го опслужуаме како суд со проширена надлежност, изјави Миле Димовски, претседател на Основен суд Битола.

Претседателот на судот вели дека со овој број се на границата на решавање на новопримените предмети, особено што годинава енормно бил покачен бројот на прекршочни предмети, до 1 октомври годинава бил околу 5500.

-А во моментот располагаме само со двајца прекршочни судии. На седница на совет на судиите беше договорено и профатено граѓанските судии на некој начин да го помогнат кривичниот и прекршочниот оддел на начин што ќе се вклучат во распределбата и ќе решаваат и прекршочни предмети, тргнувајќи од фактот дека судии се судии, вели Димовски.

За локалните избори до Основниот суд Битола биле поднесени околу 1500 барања за уверенија за казнена евиденција и затоа морале да организираат внатрешна служба со постојано дежурство за издавање на овие уверенија. Од пред две недели по електронски пат ќе може да се добие овој документ, што во голема мерка ќе придонeсе за квалитет и поефикасност.

-Добивме барања за уверенија од наши граѓани кои беа носители на листи во разни општини, доколку можевме да издаваме да издаваме електронски во тој период ќе беше многу поедноставно, вели Димовски.

Инаку Основниот суд Битола денеска има отворен ден за граѓаните по повод Европскиот ден за граѓанска правда.