Македонија
27. November 2018 - 15:35

Основците од Карпош ги мапираа најкритичните точки до училиштата

Учениците од 10-те основни училишта во општина Карпош денеска на градоначалникот Стефан Богоев му го презентираа проектот „Детективи на патот“ и ги посочија најкритичните точки по улиците, на  патот од нивниот дом до училиштето. Се осврна на состојбата на сервисните улици, потребата од поставување нови пешачки премини, сообраќајни знаци и забавување на брзината на возилата.

– Општина Карпош веќе работи на зголемување на безбедноста на учениците пред воспитно – образовните установи. Во Карпош 4  се спроведува новото сообраќајно решение со што се поставуваат нови сообраќајни знаци и се воведува зона 30. Набрзо ќе се имплементира и нов сообраќаен режим за Тафталиџе 1, околу улицата „Прашка“ (како една од покритичните точки), каде со еднонасочниот сообраќај ќе се намали сообраќајниот метеж, информира општина Карпош.

На улицата „Козле“, пред ООУ „Владо Тасевски“, во изминатиот период се поставија платформи за забавување на возилата.

Забелешките презентирани во Извештајот на проектот „Детективи на патот“, што се спроведе преку Креативниот центар – Карпош, ќе бидат земени предвид при креирање на новиот Буџет за 2019 година.