Македонија
31. August 2017 - 18:52

Османи: Сакаме пријателски односи со Грција

Градењето меѓусебна доверба и воспоставување блиски и пријателски односи како основа за решавање на проблемите, Планот 3 - 6 - 9 кој е во насока на деблокирање на процесот на евроатланска интеграција на Македонија, се дел од темите на денешната средба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас. 

- Градењето доверба не е важно само за градење добри односи, туку тоа е основа за наоѓање заедничко решение за проблемите меѓу двете земји, истакна вицепремиерот Османи пред почетокот на средбата.

Сличен став за решавањето на отворените прашања, има и грчкиот министер Коѕијас, според кого најважно е длабоко во срцата да се најде волја тоа да се направи.

Ние, рече тој,  даваме поддршка на нашиот северен сосед, на неговата стабилност и безбедност и напредок во евроатлантските интеграции.

Двајцата се согласуваат дека е од исклучителна важност за создавањето и градењето пријателски односи со соседите. Мудро е да имаш добри односи со соседите, истакна Османи, но уште подобро е во нив да имаш вистински пријатели.

Грчкиот министер, пак, верува дека Македонија и Грција ќе може да изградат пријателски односи и дека во иднина ќе може да се каже дека тие се најдобрите пријатели во регионот. 

Вицепремиерот Османи рече дека повторното поставување на европската агенда како приоритет е, како што посочи, логична последица на позитивната енергија ослободена по решавањето на политичката криза. 

Вицепремиерот Османи на средбата, како што соопшти СЕП, изрази задоволство од унапредувањето на меѓусоседската соработка меѓу двете земји, и посочи дека изградбата на довербата не ја гледа само како обврска да се биде добар сосед и пријател, туку и заложба од тоа да произлезе и решение за нашата насушна потреба за членство во НАТО. - Ако ја зачуваме оваа енергија, ако го зачуваме ова ново пријателство, ако ја зачуваме оваа волја која и двете земји овој период јавно ја демонстрираме, решение ќе има, истакнал Османи.

Министерот Коѕијас денеска е во еднодневна официјална посета на Македонија. Тој претпалднево се сретна со неговиот домаќин, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и со премиерот Зоран Заев, а попладне треба да има средба и со со претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот Ѓорге Иванов.

Посетата на Коѕијас е возвратна, по таа на Димитров на Атина во јуни годинава. Во фокусот на разговорите, според најавите, е имплементацијата и проширувањето на мерките за градење доверба и најновите случувања во регионот. .

Во пресрет на посетата на Коѕијас, завчера во Атина беше одржан состанок за мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција во согласност со договорот постигнат меѓу министрите за надворешни работи на двете земји во Скопје на 24 јуни 2015 година.

Грција, како што повторуваат претставници на грчкото МНР, „останува посветена на подобрување на соработката меѓу двете земји, придонесувајќи за консолидација на култура на консензус и компромис со цел стабилност на внатрешно и на регионално ниво“.