Османи-Рот: Процесот на ЕУ интеграција е откочен, Македонија е на вистинскиот пат
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска се сретна со државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија Михаел Рот, со кого разговарале за реформскиот процес и евро-атлантскиот пат на земјата.
Османи, како што информираат од неговиот кабинет, на средбата во Секретаријатот за европски прашања, истакнал дека Германија е силен поддржувач на политиката за проширување на ЕУ и зачленувањето на земјите од Западен Балкан, што го покажала со иницирањето на Берлинскиот процес, посветен на поврзаност, добрососедски односи, регионална соработка и европска интеграција.
- Тоа се потврди на последователните самити во Виена и Париз, и ќе продолжи со самитот во Трст оваа недела, изјави Османи.
Тој изразил очекување дека на самитот во Трст ќе се зајакне перспективата на Западен Балкан преку поддршката на агендата за поврзување и поддршката на инфраструктурните и проектите за енергетика, во чии рамки очекува и одобрување на нашиот инфраструктурен проект за Коридорот VIII.
На средбата, Османи го запознал државниот секретар Рот и со Планот 3-6-9 во кој се содржани Итните реформски приоритети на Владата кои ќе бидат спроведени во претстојниот период. Тој посочил дека спроведувањето на реформите и регионалната соработка за интеграција во ЕУ се двете паралелни траектории по кои се движи работата на новата Влада, и дека враќањето на патот кон ЕУ е неопходно, бидејќи евроатлантските интеграции на земјата остануваат стратешки приоритет на Владата.
Двајцата соговорници се оптимисти дека процесот на европска интеграција на земјата е откочен, и дека, како што се вели во соопштението, со посветеност ќе се надомести изгубеното време, за да продолжи земјата непречено да ги спроведува реформите за интеграција во ЕУ.
Германскиот дипломат денеска се сретна и со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, а вчера разговараше со премиерот Зоран Заев. На средбите е изразена силна поддршка од Германија за чекорите на новата Влада на Македонија, и е оценето дека се направени видливи позитивни придвижувања што најавуваат резултати во евроинтеграциските процеси.
Ново на Сител
-
Трамп: Близу сме до договор за крај на војната во Газа и ослободување на заложниците
-
Успешна спасувачка мисија на Водно, две лица безбедно пронајдени и евакуирани
-
Најмалку 10 лица загинаа, а над 430.000 жители на Филипини се евакуирани поради тајфунот Буалој
-
Масовен протест во ОН: Околу сто делегати ја напуштија салата на почетокот на говорот на Нетанјаху
-
Шеќеринска: НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во БиХ
-
Гаши: Бошњаците се значајна карика за нашата држава
-
Исчезнат полски државјанин на Водно, активирани тимови за потрага и спасување
-
Алиу: Немам информација дека овошјето и зеленчукот од Трубарево не треба да се јадат