Македонија
3. April 2022 - 16:40

Османи: Од македонски институции се јавувале во Бугарија за да спречат договор

Лица вработени во македонски институции лобирале во Бугарија против решавање на спорот. Дали станува збор за политички активни лица, од кои институции се, и со кого контактирале во Бугарија, Османи не открива.

Без да потврди директна поврзаност, министерот рече дека тоа се луѓе кои имаат слична цел како протераните руски дипомати од земјава или руските агенти уапсени во Софија, а тоа е да го задржат отворено прашањето со Бугарија и да го одржат закочен евроинтегративниот процес.

“Еве ќе земам конкретен пример. Оваа недела од Македонија се јавувале во Бугарија кажувајќи дека непотребен е целиот овој ангажман затоа што овдека ќе се оди брзо на избори, дека ќе има предвремени и дека нема да може да се постигне решение. Се разбира нема да можам да кажам конкретни имиња и институции затоа што тоа се испитува во моментов”

Ова се случува во период кога има прогрес во преговорите со Бугарија, информираше Османи. Во политичиот дел напредокот е сериозен, но многу работи ќе зависат и од внатрешните политички случувања, констатира министерот.

Моментално најголем фокус е отворањето на македонскиот устав и вметнување на бугарската заедница во земјава.

“Дека тоа можеме да го направиме пред почетокот на преговорите – тоа е тешко. И не верувам дека ќе го постигнеме. Дека можеме да го направиме во текот на преговорите или пред самиот крај – тоа е прашање кое го разговараме со Бугарија”

Има напредок и во историската комисија, потенцира Османи. Министерот вели дека не знае што усогласиле историчарите и за кои историски личности е постигнат договор, бидејќи македонскиот тим работи, како што рече, целосно независно.

Она во што уверува Османи, е дека на Македонија не и следува ревизија на историјата.

Дали сето ова ќе биде доволно за решение до јуни, шефот на дипломатијата не може да процени. Се уште стоиме на ставот за сеопфатно решение на сите отворени прашања, рече Османи, додавајќи дека политичката и домашната јавност ќе биде информирана за секое постигнато решение.