Македонија
24. March 2021 - 8:18

Османи на состанок на Северноатлантскиот совет

„Ние сме НАТО“ веќе не е само парола туку реалност, истакна вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи од Брисел, во рамки на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на дипломатии.

Во излагањата на првиот состанок на Северноатлантскиот совет, што се одржува со физичко присуство, по пауза од една година заради пандемијата со Ковид-19, Османи ја истакна посветеноста на Република Македонија, како нов сојузник во рамки на Алијансата, во зајакнување на регионалната безбедност, како и активна партиципација во рамките на одржувањето на глобална безбедност.

Го потенцираше и придонесот на земјава во однос на приоритетите на Алијансата во справувањето со безбедносните закани и предизвици. Во тој контекст, Османи го истакна значењето што Алијансата го придава на борбата против тероризмот и преземените натамошни активности за справување со оваа закана. Изрази и поддршка на стратешките предлози во врска со натамошниот концептуален развој на иднината на Алијансата содржани во НАТО 2030.

Да се биде рамноправен со 30-те најмоќни во светот, како што рече, не е само лична сатисфакција, туку гордост за сите наши граѓани. -Не е тоа само симболична разлика туку суштина на нашиот напредок како држава: наместо како досега, кога за нашите прашања се разговараше на состаноци на кои информациите ги дознававме од нашите колеги, сега сме присутни на масата, директно да учествуваме и да го претставиме нашиот став за сѐ она што се случува во светот, рече Османи.

Оцени дека со членството во НАТО не само што се смени нашата улога на меѓународната политичка и безбедносна арена, туку и суштински се засили улогата на Алијансата во целиот регион. Ја посочи и подготвеноста на земјата и кадровски и технички и политички да одговори на предизвиците на членството во Алијансата.

-Мотото ‘Ние сме НАТО’, не е веќе само обична парола, ова е реалност и ние сме навистина НАТО. Бидете горди, во овие моменти ја исцртуваме нашата идна историја, го остваруваме сонот на голем број генерации пред нас, создавајќи безбедна, стабилна и просперитетна иднина за генерациите после нас, заклучи Османи.

Потенцирајќи дека оваа година ја прославуваме годишнината од нашето полноправно членство во НАТО наведе дека Македонија денес е дел од трансатлантското семејство на држави и стоиме рамо до рамо со нашите сојузници.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, на вчерашниот министерски состанок за надворешни работи на НАТО, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го честитал првиот роденден од членството на Македонија во Алијансата.

-Многу сум горд што во петок го славиме првиот роденден од зачленувањето на Македонија во НАТО и му честитав на министерот за надворешни работи денеска на состанокот, ова е добро за Македонија и добро за сите сојузнички на НАТО, рече Столтенберг, заблагодарувајќи се за придонесот на македонските воени сили во операциите на Алијансата ширум светот и посебно во Авганистан.

Во рамки на Советот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел Османи вчера се сретна со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, како и со министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар.

Тема на разговорите со Блинкен, како што соопшти МНР, беше стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД која претставува основа за долгорочно пријателство меѓу двете земји. Со Логар, пак, разговарале за билатералниот развој на односите, европските перспектива на земјата особено со фокус на претстојното претседателство на Словенија со ЕУ, во втората половина на годинава.

-Нашата цел е јасна, полноправно членство во ЕУ и сите наши напори се во таа насока, да работиме на европски начин за да ги достигнеме европските вредности. Очекуваме валоризација на постигнатото од нашите партнери, посочи Османи.

На вчерашните две сесии од состанокот, министрите се осврнаа на прашања од стратешки приоритет на Алијансата, како што се регионалната стабилност, хибридни и сајбер предизвици, контрола на оружјето, разоружувањето и непролиферацијата. Беше разгледана стабилноста во соседството на НАТО и борбата против тероризмот, состојбите во Авганистан и Ирак.

Министерскиот состанок на НАТО продолжува денеска со бројни теми важни за иднината на Алијансата од интерес на зачувување на мирот и безбедноста на светскиот поредок.