Македонија
8. January 2026 - 16:25

Ординациите на матичните лекари полни со болни од грип

Прославите пред Нова година и собирите за време на празниците го раширија грипот. Периодов ординациите на матичните лекари се полни со болни граѓани. Бројот на пациенти со симптоми карактеристични на грип почнал да се зголемува во последната недела од декември.

-Најчесто се појавуваат со симптиматологија со висока температура, тоа е температура од 39-40 степени, што е нормално за грипот и трае 5-6 дена, а кај некоим пациенти и до 7 дена, се јавува една изразита малаксаност, со изразета главоболка која трае неколку дена, класични болки во телото, коските, болки во пределот на карлицата, грбот, замор, може да се појави некое гребење во грлото и сува и надразнителна кашлица, вели д-р сци. Драган Ѓорѓиевски, специјалист по семејна медицина и матичен лекар.

Доколку некој ги има овие симптоми да не паничи и да не “трча” веднаш на лекар, советува доктор Ѓорѓиевски.

-Не треба да се плашат. Во првите 3 дена тоа е нормална симптоматологија на грип и не постое некој “чаробен” лек кој што ќе им помогне, треба да пијат бруфени, аналгетици и слично за намалување на температурата и во консултација со лекар да употребат ако има потреба некој антивирален лек. Ако температурата после 3 дена продолжи да е висока и после 2-3часа по пиењето на аналгетиците повторно се качува и се појавува засилена сува кашлица или со искашлок, стегање во градите и поизразена омалаксаност, тогаш веќе да консултираат лекар бидејќи може да се “накалеми” некоја бактериска инфекција како дополнителен причинител, вели д-р Ѓорѓиевски.

Инаку вирусолошките испитувања покажаа дека оваа сезона во Македонија циркулира грип од типот А.