Македонија
4. јуни 2020 - 16:46

Општината Штип издаде забрана за работа на конфекциите во карантин

Гласен Текстилец и Хелсиншки комитет за човекови права остро реагираат на најавите дека повеќе текстилни фабрики во Штип ќе работат за време на полицискиот час во викендот што следи. Согласно добиените информации од терен, фабриките веќе извадиле или се во процес на вадење дозволи за работа, а работодавачите им најавиле на своите вработени дека ќе работат за време на полицискиот час. Со вакви информации располага и градоначалникот Благој Бочварски.

Во моменти на целосно затворање на градот и забрана за движење во претстојниот продолжен викенд за сите граѓани, недозволиво е оваа индустрија да работи, токму таму каде во моментот имаме огромен број на позитивни случаи на заразени граѓани- изјави Благој Бочварски, градоначалник на Штип.

Заради општиот интерес, во овој момент, буквално секој треба да се откаже од нешто. Бочварски побарал и добил од Главниот штаб на Владата акт, со кој целосно се забранува работењето на текстилните фабрики и издавањето на дозволите со кои се изигруваат донесенети мерки.

Со ова веќе и официјално се забранува работата во текот на овој викенд за сите текстилни и кожарски компании. За оваа одлука веќе се информирани инспекторатите, а најстрого ќе бидат казнети сите кои ќе ги повикаат луѓето на работа. Апел, доколку има ваков случај, од граѓаните или од било која друга страна, веднаш да биде пријавено во инспекторатите или до општинскиот кризен штаб- додаде Бочварски

Во следните 3 дена, до текстилните фабрики ќе бидат транспортирани само вработените на кои треба да им се земе брис, а веднаш потоа ќе бидат вратени дома. Утре ќе се тестираат 200, а во сабота и недела дополнителни 230 работници. Денес во Штип се евидентирани 3 излекувани и 16 новозаразени лица.