Македонија
20. November 2025 - 12:18

Општина Прилеп доби грант од 50.000 долари од УНДП

Општина Прилеп доби грант од 50.000 долари од УНДП за изработка на документација за изградба на компостара за третирање на биоразградлив отпад и плац за дробење и преработка на градежниот шут, кои ќе бидат изградени во продолжение на депонијата Алинци, после новата фабрика за секундарна селекција на отпадот, која е во завршна фаза. Во изработката на документацијата Општината ќе учествува со 10.000 долари. 

„Проектот во оваа фаза, пред почетокот на разработување на урбанистичкиот план и на проектната документација е предвиден да чини околу 3 милиони долари, меѓутоа прво да се проектира, а понатаму со еден таков сериозно изработен проект би се конкурирало до сите релевантни институции кои нудат средства за изгрдба на вакви капацитети“, рече Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

Со овие проекти ќе се докомплетира целиот систем на управување со отпадот кај Алинци, а со тоа Прилеп ќе стане прв град на Балканот кој ќе има комплетна селекција и управување со сите видови на отпад. А тоа значи дека во иднина би се носеле многу малку количини во Регионалната депонија во Алинци, а со тоа Прилеп и граѓаните би заштедиле доста пари.

„А клучното е што придонесуваме во делот на циркуларната економија, а тоа е сето она што го создаваме повторно да може да се употребува, на овој начин му даваме повторно употребна вредност на отпадот кој сите ние го создаваме“, додаде Борче Јанкулоски, сектор ЛЕР при Општина Прилеп.

Проектот е во согласност со нациионалните еко стратегии и Зелената агенда на ЕУ. Се планира документацијата да биде изработена во рок од 6 до 8 месеци.