Македонија
30. October 2015 - 13:55

Општина Гевгелија ќе удвои дел од капацитетите во прифатниот камп за мигранти

Во пресрет на зимскиот период општина Гевгелија ќе удвои дел од капацитетите во прифатниот камп за мигранти на јужната граница, со цел успешно да се справи со предизвиците од бегалската криза, да се задоволат потребите на мигрантите и да се ублажат последиците од кризата врз нормалниот живот во општината, информира денеска градоначалникот Иван Франгов.

- Во прифатниот камп ќе имаме дополнителна потреба од електрична енергија за греење, што ќе биде приоритет во овој период во кој ќе треба да решаваме и други приоритетни потреби како што се набавка на возило за комунален отпад, изградба на патот до границата со што ќе се обезбеди сообраќајно поврзување на привремениот транзитен центар и обезбедување дополнителни количини вода за пиење, рече Франгов кој овие потреби деновиве ги соопшти и пред Комитетот на регионите на Европската унија што се одржа во Охрид.

Франгов нагласи дека општина Гевгелија досега има добра соработка со Владата и надлежните министерства и установи која е координирана преку главниот штаб на Републичкиот центар за управување со кризи. Редовна координација и комуникација општината има и со агенциите на Обединетите нации и невладините организации, но покрај сето тоа општина Гевгелија има потреба и од финансиска помош затоа што досега за справување со бегалската криза потроши преку 2 милиони денари од општинската каса.

- До сега не сме добиле никаква финансиска помош освен што разговаравме со европската делегација, УНДП и УНХЦР да ни се помогне и да ни се надоместат потрошените буџетски средства. Очекуваме тоа да се случи за успешно справување со предизвиците од бегалската криза, рече Франгов.

Гевгелискиот градоначалник ја истакна и потребата и за отворање нов граничен премин за кој што барање до надлежните институции е испратено пред четири години.

- И без мигрантската криза го имавме тој предлог за да се олесни протокот на патниците. Сега гледаме дека е многу неопходен затоа што мигрантите регуларно и контролирано ќе ја минуваат границата,а не стихијно. Новиот премин е покрај железничката пруга, токму на местото каде што сега минуваат мигрантите, нагласи Франгов.