Македонија
25. October 2019 - 10:52

Општина Чешиново-Облешево доби Интегриран план за локален развој

Општина Чешиново-Облешево доби Интегриран план за локален развој за периодот 2019-2022 година, како официјален документ во кој се идентификувани клучните проблеми и развојните можности на локално ниво.

Планот содржи четири стратешки цели и претставува логично продолжение на претходните стратегии за локален економски развој, чии основи се надминати. Приоритет е даден на унапредувањето на условите за земјоделско производство, подобрување на јавните услуги, развој на комуналната и социјалната инфраструктура, зачувување на животната средина, како и промовирање на развојот на селективни форми туризам.

– Постоењето на Интегрираниот план за локален развој е од особена важност за пристапот до донаторите и до фондовите од Европската Унија. Целта е да се реализираат важните приоритети во насока на подобрување на животниот стандард на сите граѓани, спречување на миграцијата и решавање на сите инфраструктрни и комунални проблеми. Паралелно, со тоа се и напорите за раст на локалната економија, поквалитетно образование, како и за промоција на општината во делот на културата, спортот и други области, истакна градоначалникот на Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев.

Во подготовката на планот учествуваше тим од вработени во различни сектори на локалната самоуправа, а едногласна согласност за неговата примена даде и општинскиот Совет. Со документот ќе им се овозможи и на жителите на општината да ги вклопат своите проекти при аплицирањето за финансиска поддршка од ИПА програмите на ЕУ.

Интегрираниот план за локален развој на Чешиново-Облешево е изработен како резултат на успешно реализираниот проект „Унапредување на општинското владеење“ на Европската Унија, со кој претходно беше добиен грант за набавка на градежна машина за потребите на општината. Проектот го спроведуваше Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа и со Министерството за финансии.