Општина Босилово почна со рециклирање на текстилот
Наместо да завршува на депониите, од сега текстилот во општина Босилово ќе се селектира за повторна употреба или рециклирање.Проектот треба да помогне во намалувањето на отпадот, но и да ја подигне јавната свест за одржливото управување со ресурсите. Граѓаните масовно ја поддржаа иницијативата и активно се вклучија. Еден од нив беше и Ѓорѓи Зимбаков кој донесе околу стотина парчиња облека. Вели дека ова е вистинскиот начин да се придонесе за почиста животна средина, но и да се помогне на лицата од социјален ризик.
Дека има интерес за ваквите иницијативи потврдуваат и колективните постапувачи со текстилниот отпад. Во моментов нема прецизни податоци колку текстил завршува на депониите, но според неофицијалните проценки се работи за количина од над 10.000 килограми.
Собирањето и депонирањето на отпадот претставува еден од главните проблеми со кој се соочуваат речиси сите општини во државата вели градоначалникот на Босилово. За него ваквите акции може во голем дел да придонесат за поголема селекција и рециклажа, а со тоа и помалку отпад на депониите.
Босилово е втората општина во државата која започна со акции за собирање и селекција на текстил. Претходно таква иницијатива беше реализирана во прилеп, а според најавите веќе има интерес и од неколку скопски општини.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар