Македонија
19. November 2025 - 14:38

Општина Аеродром ќе го исчисти просторот кај поранешен „Мекдоналд“ и ќе им прати фактура на сопствениците

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески утрово сподели дека екипите на Јавното претпријатие денеска ја расчистуваат локацијата на поранешниот „Мекдоналдс“, која се наоѓа на приватно земјиште со запишан објект.

„Иако сопствениците добија налог да ја исчистат оваа со години запуштена локација, тоа не беше направено. Поради тоа на терен излегоа комуналните екипи на Општината. По уредувањето, Јавното претпријатие ќе достави фактура до сопствениците со износот за извршените работи“, истакна Митески во својата Фејсбук објава.

Тој додаде дека Општина Аеродром останува посветена на чиста, безбедна и уредна средина и ќе продолжи решително да реагира каде сопствениците не постапуваат согласно законските обврски.