Опозицијата ѝ понуди помош на Владата по корупцискиот скандал во Платежната агенција
Со замрзнувањето на средствата од ИПАРД 3 државата ризикува да загуби дел од парите планирани во програмата која на Македонија ѝ е на располагање до 2027, предупредува опозицијата. Поранешниот министер за земјоделство се понуди да ѝ помогне на Владата за деблокада на средставата и враќање на довербата во Брисел по корупцискиот скандал во кој директорот на Платежната агенција беше фатен како прима мито од 400 евра.
Потребни се решенија, потребна е итна и координирана акција, вели Николовски.
„1. Утврдување на фактичката состојба, обемот и слабостите. Како претседател на Комисијата за земјоделство, веќе побарав детални информации за причините и обемот на суспензијата. Целта е јасна: да се утврди вистината, да се откријат институционалните слабости.
2. Потоа, врз база на овие наоди заеднички да се подготви Акциски план кој државата ќе го достави, и ќе го презентира до Европската комисија.
Со ваков еден план државата ќе се обврзе да преземе и да воспостави засилени механизми на контрола, ефективни антикорупциски мерки и поголема транспарентност во спроведувањето на европските програми.“, вели тој.
ИПАРД програмата функционира на начин што финансира 50% од една инвестиција на земјоделците, а остатокот тие го плаќаат сами.
Според информациите кои доаѓаат од опозициската СДСМ, досега за ИПАРД 3 склучени биле 453 договори во вредност од 35 милиони евра, од кои исплатени се само 10 милиони евра. Според Николовски, над 180 инвестиции вредни над 25 милиони евра се директно погодени од суспендирањето на средставата од ИПАРД.
Засега е нејасно колку време средставата од европскат програма ќе останат замрзнати. Според изјавите на владините претставници, тоа ќе трае додека не се истражат и можни злоупотреби во минатото. Премиерот вчера кажа дека токму тој побарал суспендирање на парите. Рече и дека Брисел ја поздравил акцијата на Обвинителството за организиран криминал. ЕУ, пак, е запознаена со скандалот и чека дополнителни информации од нашите институции, но оттаму се воздржуваат од дополнителни коментари.
Илија Стоилев во петокот беше фатен како прима поткуп од 400 евра – прва рата од ветени 50.000 евра од агро-фирма од Струга. Во случајот петмина се осомничени. Четворица се во ефективен, а еден во куќен притвор.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
