Македонија
18. May 2022 - 16:31

Опозицијата бара Комисијата за мандатно-имунитетни прашања да расправа за Талат Џафери

Опозициските пратеници бараат Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да расправа во врска со инцидентот од минатата недела во Собранието, кога спикерот Талат Џафери викаше и навредуваше службеници. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија поднесоа писмена пријава до претседателот на Комисијата, Панчо Минов. Тие бараат во најкус рок да се свика седница на која ќе се расправа за, како што велат, тешките повреди на етичкиот кодекс.

„Во прилог доставивме и снимка до господинот Панчо Минов за да има материјали врз основа на кои што ќе може да работи кога ќе ја свика оваа седница. И тоа што сакам да го истакнам е дека најмалку 4 пратеници од нашата пратеничка група биле сведоци, за жал, на овој немил настан, биле внатре во самата просторија каде што на еден вулгарен и недоличен начин претседателот Џафери ги понижувал и им вршел притисок на вработени во службата во Собранието и истите тие пратеници ќе бидат расположени да посведочат“, вели Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Етичкиот кодекс за однесувањето на пратениците го потпишал токму Џафери пред 4 години. Во него притисок и недостоинствено однесување кон вработени во Собранието се декларира како тешка повреда. Од опозицијата велат дека ова е прв чекор пред поднесување интерпелација за спикерот.

„И ако ова важи за сите пратеници, треба да важи и за првиот меѓу еднаквите. Затоа што етичкиот кодекс не би имал смисла ако не важи и за пратениците од владејачкото мнозинство. Сакаме прво да одиме со овој чекор, не го исклучуваме и тој чекор затоа што сметаме дека сега е битно да се утврди ова тешко прекршување на етичкиот Кодекс, а потоа тоа да ни послужи меѓу другите аргументи, ги има премногу, за уште една интерпелација против спикерот Талат Џафери, иако претходната интерпелација тој ја скри во своите фиоки и никогаш не дојде на дневен ред, што е преседан во сите земји во регионот и во ЕУ“, вели Милошоски.

Во врска со инцидентот, од владејачката СДСМ не коментираат ништо повеќе од изјавата на премиерот, според кого најпрво треба да се потврди автентичноста на снимката и да се утврди кој и со кого зборува, бидејќи на снимката само се слушаат гласови, а не се гледа за кого станува збор.

Пратеникот Панчо Минов претходно рече дека ќе свика седница доколку до него стигне писмена пријава со наведени докази.

Инаку, Џафери би бил првиот за кого Комисијата ќе расправа за дисциплинска или казнена мерка за повреда на етичкиот Кодекс. Предвидените казни се јавна опомена, суспензија од работно тело или еден месец забрана за претседатвање со работно тело.