Опозицијата бара електронски попис, власта не отстапува
Премиерот е дециден дека пописот мора да се спроведе според планираното. Предлогот на опозицијата, пребројувањето на населението да се спроведе по електронски пат, Заев го оцени како несериозен. На десетина дена пред почетокот на пописот, премиерот вели дека државата е целосно подготвена за оваа статистичка операција.
“Прво, седницата на Парламентот е на 14ти септември, пописот почнува на 5ти. Само апелирам, аман, сериозни да бидеме. Попис има, мора и ќе има. После 20 години сме држава, нација, што сме? Мора да има попис. Рековме, олеснет е пописот заради електронската база на подаоци што ја имаме. Голем дел ќе бидат и само проверени. Вториот дел, обезбедени се комплетни мерки. Им благодарам на граѓаните што последните денови аплицираа и еве, фала Богу екипирани се комплетно попишувачите, сè е подготвено за пописот”, рече премиерот Зоран Заев.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, повторно ја повика власта да го прифати нивниот предлог за електронско попишување со цел да не се загрози здравјето на граѓаните, но и да не се компромитира најзначајната статистичка операција.
“ВМРО-ДПМНЕ нуди предлог излезно решение од калта во која власта сама се заглави. Доколку има проблем со попишувачите, кој очигледно го има, но и поради се поголемиот замав на 4 бран на КОВИД 19 од кој гледаме дека секојдневно се заразуваат и над 1000 луѓе, а по 20-тина умираат, потребно е спроведување на електронски попис, како ќе се спречи евентуален неуспех на пописот”, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, вчера заврши огласот и во тек е тестирањето на кандидатите за спроведување на пописот. Државниот завод за статистика има потреба од 5.000 попишувачи, а пристигнале околу 8.000 апликации. Сепак, доколку недостигаат попишувачи, ќе бидат ангажирани соодветни кадри вработени во државните и институциите на локално ниво. Лицата кои ќе бидат ангажирани за пребројување на населението немаат обврска да бидат вакцинирани.
Пописот на терен стартува од 5 септември, а до сега по електронски пат веќе се самопопишале над 190.000 граѓани, кои престојуваат надвор од државата.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
