Опозицијата бара да се крева рампа наместо да се трошат милионски суми, власта тврди дека парите се надомест за претпријатието
Не запираат реакциите во јавноста по одлуката на Владата да потроши 2,8 милиони евра за изработка на електронски картички за патарини за српските туристи. Најголем дел од граѓаните преку социјалните мрежи го поздравија гестот, но и критикуваат зошто мора да се трошат пари за картички кога можност за електронска наплата има само на Коридорот 10 кон Грција и зошто од патарини не се ослободени и Србите кои патуваат за Охрид. Истите критики ги упати и опозицијата која обвинува за сомнителна зделка и прашува зошто мерката не се спроведе со едноставно кревање на рампа и видео надзор на автомобилите?
- Како пратеник кој доаѓа од Охрид, јас и охриѓани сакаме да добиеме одговор од Зоран Заев и Владата, зошто оваа мерка не се воспостави и не важи и за Охрид како летна туристичка дестинација за илјадници српски државјани туку важи само за Грција? Очигледно, за Зоран Заев и најкриминалната Влада во Европа зборовите транспаретност, отчетност и одговорност немаат никакво значење. Тие се занимаваат само со бизнис зделки и милионски профити, рече Пецаков.
Вицепремиерот Битиќи пак уверува дека со мерката нема да се дестимулира домашниот туризам иако Србите кои одат за Охрид и другите домашни туристички центри ќе си плаќаат патарини. За сумата од близу 3 милиони евра кои државата ќе ги даде на ЈП за Државни патишта за изработка на картиците Битиќи вели дека е компензација за приходот кој претпријатието ќе го изгуби од патарините кои нема да ги наплати со мерката.
- Тоа не се пари за картички туку на тој начин Владата ќе му компензира на претпријатието за она што ќе го изгуби како приход од патарини. Ние не можеме да кажеме дека ќе ги отвориме целосно затоа што не можеме да ги спречиме евентуалните злоупотреби. Затоа што не можете да ставите механизам за контрола дали се само српски возила кои што ќе излагаат на подигнатите рампи. Сметавме дека ова е најдобар начин и ЈП за државни патишта укажа дека ова е најефикасен начин. Она што тие го губат како приход им го компензираме. Дали е многу или малку не коментирам. И еден спасен живот е многу.
Владата ќе додели 200 000 картици со кредит од 760 денари за возила со српски таблици. Ќе се делат на Табановце и ќе може да се искористат во периодот од 15 јуни до 15ти август но само еднаш во двата правци долж Коридорот 10.
-
Александра Костовска
Сите содржини од овој новинар
