Свет
24. May 2020 - 11:09

Онлајн гласање на избори во Русија поради пандемијата од Ковид-19

Во иднина Русите ќе можат да гласаат електронски или по пошта, благодарение на измените во изборниот закон одобрен од претседателот Владимир Путин, објави Кремљ.

Новиот компјутерски систем што ќе овозможи електронско гласање треба да биде достапен низ целата земја и ќе овозможи гласање на локалните и општите избори и на референдуми.

Застапниците на новиот систем велат дека тоа ќе помогне да се запре ширењето на коронавирусот затоа што граѓаните повеќе нема да мора да излегуваат на гласање, пренесува ТАСС. Електронскиот систем досега помина четири тестови во Москва и не е „пробиен“ во ниту еден од нив, објави руската агенција.

Противниците изразија страв дека електронскиот систем полесно ќе се манипулира и дека ќе биде потешко за независните набљудувачи да забележат неправилности. Тие исто така посочија дека промените се воведуваат во време кога не се дозволени јавни протести заради пандемијата.

Не е јасно дали новиот систем ќе се користи на претстојниот референдум за уставни измени што треба да ја зајакне владата на Путин и да ги укине ограничувањата на бројот на мандати, отворајќи ја вратата тој да остане на власт до крајот на 2036 година.

Референдумот беше закажан за средината на април, но беше откажан поради пандемијата на „ковид-19“. Според извештаите на руските медиуми, новиот датум на гласање најверојатно ќе биде на 24 јуни.