Онкологот Васев бара неговиот предмет да го превземе државниот јавен обвинител
Докторот Нино Васев бара друг обвинител да го застапува обвинението „Онкологија“. Тој преку своите ново ангажирани адвокати предлага предметот во кој е обвинет за несовено лекување и тешки дела против здравјето на луѓето да го превземе државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Или, како што адвокатите напишале во предлогот, надлежноста да се предаде на јавно обвинителство во внатрешноста на државата. Одбраната оценила дека обвинението е нестручно и нема докази за вина кај онкологот Васев.
„Побаравме мислење и повторна реевалуација на двете обвиненија од државниот јавен обвинител кој тоа право го има според законот со аргументи и факти наведени во предлогот и очекуваме дека тоа ќе го уважи и дека уште еднаш ќе направат комплетна реевалуација на двете обвиненија. Или, ќе побараат дополнување на истрагата што е исто можно или целосно ќе ги повлечат. Треба да ги повлечат, според наше мислење и тука се да заврши“, изјави Боби Спирковски, Адвокат на Нино Васев.
Обвинението за случајот „Онкологија“ го води Ана Гоговска Јакимовска од скопското јавно обвинителство.. Откако го слушна предлогот на адвокатите, побара одложување на денешното рочиште на кое требаше да сведочат роднини на починати пациетни.
Како најголем пропуст, одбраната го забележува ангажирањето на претходникот на Васев, поранешниот директор, Милан Ристевски, кој како технички советник помагал во работата на обвинителката.
„Значи не може да оставите вие лекарот да ви кажува докрај што ќе биде и тој да го пишува обвинението. Вие мора да се запознаете со таа работа, да читате, да прашувате и да се обезбедите со нужно познавање на материјата која е предмет на обвинителниот акт. Тоа, овде не е направено“, изјави Спирковски.
Идната среда треба да продолжи судењето кога ќе биде и познато дали предметот „Онкологија“, ќе го преземе државниот обвинител како што бара Васев. Во случајот обвинети се и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски.
И се судеше и на Мери Пешевска, но таа призна вина и доби условна осуда.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар