Македонија
24. July 2020 - 12:35

Омекнуваат ставовите на ДУИ – партијата ќе ги засили контактите со СДСМ

ДУИ почна да ги омекнува позициите во пресрет на најавените преговори за формирање на ново парламентарно мнозинство по илинденските празници. Високи партиски функционери во серија изјави за медиумите покажуваат подготвеност да се откажат од идејата за премиер Албанец а како свој услов во преговорите го поставуваат почитувањето на договорите со Бугарија и Грција и напредокот во евроатланските интеграции.

Организацискиот секретар Груби, вчера во интервју за албански медиум вели дека Алијансата на Села му забила нож во грбот на првиот премиер Албанец додавајќи дека во периодот кој следи очекува да ги засилат контактите за коалицирање со СДСМ, отфрлајќи ја можноста за заедничко учество во власта со партијата Левица.

Во СДСМ и натаму сметаат дека имаат најголем коалициски капацитет и очекуваат тие да ја формираат новата Влада. Лидерот Заев во интервју за хрватски медиум повторува дека преговорите за нова Влада ќе почнат веднаш по Илинденските празници за да се испочитуваат уставните рокови.

Од ВМРО-ДПМНЕ исто така ги повторуваат позициите кои лидерот Мицкоски ги изнесе на прес конференција во своето единствено појавување во јавност, ден по изборите. Од партијата се сметаат за победници на изборите и очекуваат можност за да ја формираат новата Влада.

Алијансата за Албанците на Села пак ги проблематизира изборните резултати. По одбивањето на приговорите од ДИК и тужбите од Управниот суд, партијата на Села за во понеделник закажа и протест во Скопје. Партиската позиција е дека коалицијата на Села и Гаши нема да влезе во Владата доколку таму има претставници на ДУИ.

Според Уставот, Парламентот треба да се конституира најдоцна 20 дена по одржувањето на изборите. Претседателот на државата е должен во рок од 10 дена од конституирањето на законодавниот дом мандатот за состав на владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и предлог состав на Владата.

На предвремените парламентрани избори што се одржаа на 15 јули, според првичните неофицијални резултати што ги соопшти ДИК, коалицијата „Можеме“ предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, АА и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат.