Омбудсманот бара измени на Законот за азил и привремена заштита
Народниот правобранител денеска до Владата на Република Македонија доставил Иницијатива за измени на Законот за азил и привремена заштита, откако утврдил дека со последните измени и дополнувања на Законот им се отежнува пристапот на семејно обединување на членовите на потесното семејство на признаен бегалец и лице под супсидијарна заштита.
Заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа денеска на прес-конференција рече дека со последните законски измени од април годинава дополнително е вметната временска рамка за можноста за срекнување со ова право, односно се предвидува рок од три години за да може лицето да оствари право на семејно обединување.
- Ова во пракса би значело дека лице со статус на признаен бегалец или лице под супсидијарна заштита ќе мора да чека цели три години од стекнувањето на статусот за да може пред надлежен сектор на Министерството за внатрешни работи да оствари право на семејно обединување со членовите на потесното семејство, истакна таа.
Според Народниот правобранител временското ограничување на ова право претставува грубо кршење на Директивата за правото на семејно обединување на Европската унија.
- Во Директивата се посочува дека државите нема временски да го ограничат семејното обединување на признаени бегалци, односно дека нема да бараат лицето со признаено право на азил да престојува во државата одреден период пред да може да се обедини со членовите на своето семејство, нагласи Бајрамовска-Мустафа.
Со последните измени и дополнувања на Законот за азил и привремена заштита кои беа донесени во април годинава, како што рече Бајрамовска-Мустафа се воведува и нов член (10а) со кој се изврши прецизирање на поимот безбедна трета земја, држава членка на ЕУ, на НАТО и држава членка на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), при што, како што додаде, не се дава јасна можност на барателот да ја оспори примената на овој институт и да докаже дека поради лични околности таа земја не е безбедна за него.
- Законот не прецизира кое правно средство, во кој рок и пред кој орган може да го користи барателот на азил откако ќе биде информиран за примената на институтот безбедна трета земја во горенаведените држави членки, рече таа.
Со прифаќањето на Иницијативата на Народниот правобранител, Бајрамовска-Мустафа смета дека ќе се усогласи македонското законодавство со прнципите на меѓународното бегалско право и европските директиви, особено Женевската конвенција за статусот на бегалците на ОН, чиј основен принцип е забрана за протерување или враќање.
Предлог законот за измени на Законот за азил и привремена заштита е изработен во соработка со Здружението на млади правници.
Ново на Сител
-
АХВ нареди нови мерки на Струмички Комуналец
-
Освен казни, Пазарна ќе запленува и роба ако продолжат прекршувањата на владината мерка
-
Тема на денот со Никола Димитров
-
Поплаки и оваа година за дел од таксистите
-
Ристески: Новиот Закон за работни односи после 7 години ќе излезе од фиока
-
Преглед на вестите од светот
-
Почина бебе на Детска Клиника - Телото е на обдукција, вонреден надзор во понеделник
-
„Конти“ - Лесна заработка или тешка измама?