Македонија
21. September 2025 - 12:36

Околу 200 000 граѓани вадат документи онлајн, на uslugi.gov.mk се издаваат по 13.200 месечно

Сите три потврди за неосудуваност (казнена, кривична и прекршочна евиденција), уверение за државјанство, петте најкористени услуги од Катастарот, потврдите за стаж од Агенцијата за вработување и Фондот на ПИОМ, се само некои од документите што граѓаните може да ги извадат онлајн и за многу кратко време од Националниот портал https://uslugi.gov.mk/. Кога Порталот почна со работа се даваа по 1 200 услуги месечно, а сега по 13 200. Зголемен е и бројот на корисници, од околу 100 000 на 200 000, рече денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Според него, денес се скоро 70 институции „закачени“ на Платформата за интероперабилност, а во почетокот беа 40.

- Интероперабилноста значи дека тие веќе разменуваат податоци меѓу себе и како што најавив, до крајот на мандатот ќе се обидеме сите најкористени услуги од граѓаните да ги донесеме на Националниот портал https://uslugi.gov.mk/. Искористеноста е голема, од 1 200 услуги месечно што беа давани од порталот кога почна со работа, денес се 13 200, а бројот на корисници од околу 100 000 е зголемен на 200 000. Тоа значи дека граѓаните го препознаваат. Државјанство се вади целосно онлај и излегува за една минута, а потврдите за неосудуваност излегуваат за многу кратко време и не треба да одите до градот од каде потекнувате за да ги добиете, истакна Андоновски на прес-конференција одговорајќи на новинарски прашања.

Последна дигитализирана, напомена министерот, е услугата на Државниот завод за статистика што ја користат сите студенти при запишување година или семестар.

Андоновски на прес-конференцијата го најави претстојниот „Дигиталниот самит на Западен Балкан 2025 (WBDS25)“.

 

МИА