Македонија
11. August 2017 - 16:22

Околу 140 луѓе внимаваат на пепелиштето околу манастирот Трескавец, утринава се разгоре, попладнево е под контрола

И покрај натчовечките напори кои се вложуваат во изминативе два дена при справувањето со огромната огнена стихија која досега уништи над 50 хектари разновидна шума, најмногу борова и која за цело време му се заканува и на Манастирот “Трескавец”, пожарот од утринава повторно беше критичен. Околу пладне, опасноста по Манастирот е отстранета, но, засилената контрола на теренот - останува. Инаку, станува збор за многу непристапен терен заради што, денеска, пак е побарана помош и од ДЗС.
 
Заради високите температури и ветрот кој дува, освен што се разгоруваат старите жаришта, постојано се појавуваат и нови, велат од ТППЕ, чии екипи, потпомогнати од многубројните доброволци деноноќно го гаснат огнот, а се дежура и на другите четири локации во околината на Прилеп каде се уште има пожари.
 
По последната критична ноќ и утро, надлежните повторно апелираат за крајна претпазливост при ракувањето со оган, особено на отворен простор, бидејќи речиси сите пожари се резултат на човечкото невнимание, намерно или ненамерно.