Бизнис
13. May 2016 - 16:44

Охридскиот аеродром втор најбрзо растечки аеродром во Европа

Охридскиот аеродром е втор најбрзорастечки аеродром во Европа во првите три месеци од годината во категоријата под пет милиони патници годишно, соопшти ТАВ Македонија.

Признанието доаѓа од Меѓународeн совет на аеродроми за европскиот регион,  кој евидентира раст на бројот на патници на „Св.Апостол Павле“ во првиот квартал од 173,9%.

Според компанијата, значителниот пораст надвор од туристичката сезона, се должи на новите линии од охридскиот аеродром за Базел, Цирих и Лондон. Очекувањата се порастот да продолжи со оглед на чартер-летовите во претстојната сезона при што најбројни ќе бидат патниците од Холандија, но и на директната редовна линија Охрид-Белград, која стартува во јуни, како и новите чартер-летови: Охрид-Тел Авив и Охрид-Брисел кои ќе започнат од следниот месец.

Извештајот вклучува 206 аеродроми преку кои се одвива 88 отсто од европскиот воздушен сообраќај на патници.

Во првите четири месеци од 2016 г преку двата македонски аеродроми биле превезени 486.968 патници, што е пораст од 28% споредено со истиот период лани. Во исто време, бројот на полетувања и слетувања на двата аеродроми е зголемен за 15%.