Македонија
29. јуни 2017 - 10:04

„Охридски разговори“, нова книга на Свето Стаменов

Охридски разговори“ – прва книга (2003-2007) е најновата книга на новинарот на Македонското радио – Радио Скопје и публицист Свето Стаменов. 

Оваа книга е дел од истоименото двотомно издание на интервјуа и разговори што тој ги реализира во периодот од 2003 до 2014 година со голем број претседатели на држави, министри за надворешни работи и за одбрана, домашни и странски политичари, универзитетски професори, експерти од разни области и религиски лидери – учесници на меѓународни собири и конференции одржани во Охрид. 

„Охридски разговори“ – прва книга (2003-2007) содржи 58 интервјуа снимени во периодот од август 2003 до крајот на 2007 година и тоа за време на регионалниот самит „Дијалог меѓу цивилизациите“, чиј организатор и домаќин беше покојниот претседател Борис Трајковски, конференцијата за имплементација на Јадранската повелба во 2003 година, од Вториот безбедносен форум на Евроатлантскиот партнерски совет и Првата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог во 2007 година.

Книгата ги содржи интервјуата со поранешните претседатели на Хрватска, Србија и Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина и Албанија Стипе Месиќ, Светозар Маровиќ, Жељу Желев и Георги Прванов, Драган Човиќ и Бамир Топи, поранешните премиери на Шведска и на Албанија Карл Билт и Фатос Нано, шефовите на дипломатиите на Хрватска, Србија, Бугарија, Албанија и Романија Тонино Пицула, Горан Свилановиќ и Вук Јеремиќ, Ивајло Калфин, Љуљзим Баша и Мирчеа Џоана. Има интервјуа и со последниот шеф на дипломатијата на некогашна СФРЈ Будимир Лончар, генералниот секретар на УНЕСКО Коичиро Мацура, албанскиот писател Исмаил Кадаре, сараевскиот надбискуп кардинал Винко Пуљиќ, Господин Лаврентије - епископ Шабачки на Српската православна црква, главниот рабин на еврејските заедници во Србија и во Македонија Исак Асиел, епископот од Захле на Антиохиската православна црква Јостинос Паулос Сафар, бискупот од Осло на Лутеранската црква и претседавач на Европскиот совет на религиозни лидери Гунар Сталсет и претседателот на Кинеската исламска организација Ченг Гуангјан. 

Новинарот Зоран Иванов во својата рецензија на книгата истакнува дека во неа се поместени цел грст негови интервјуа со водечки авторитети, со луѓе со дигнитет, со личности кои со своите трудови веќе оставиле печат на ова време.

- Разговори содржајни со согледувања, анализи, дилеми, но и со пораки, предлози, решенија за денешнината и за утрешнината на земјава, регионот, Европа, пишува Иванов. 

Втората книга на „Охридски разговори“, која е во печат ги опфаќа интервјуата што Свето Стаменов ги реализира во Охрид во периодот од 2008 до 2014 година.