Македонија
2. September 2020 - 13:15

Охрид СОС: Багери на Нефи Усеини копаат песок на крајбрежјето за базата која требаше да се урне

„Охрид -СОС“ објави видео на кое се гледа како багери на охридскиот советник Нефи Усеини како што велат тие копаат песок на крајбрежјето на езерото за неговата бетонската база. Од граѓанската инцијатива посочуваат дека локацијата каде што се копа песок е во близина на базата , а видеото објавено на нивниот профил е од граѓанин кој го снимал ископот, при што во моментот кога се обидел да се доближи до механизацијата добил вербални закани од вработените со зборовите „знаеш ли дека тука е забранет пристап“ и „тргни го телефонот, ќе ти го фрлиме у езеро!“

„Ако на почеток Усеини побарал сам да го стори тоа, а се покажа дека само излажал и купувал време, сега најдете фирма која ќе го стори тоа. Не чекајте, ако „Македонија Пат“ ќе ја руши дивоградбата во Скопје, нека дојдат после тоа и во Охрид, да се продолжи низата. Во спротивно од старт ќе покажете дека новата Влада е само лицемерие и неспособност завиткано во убава хартија. Само вистинска и решителна акција ќе покаже дека сите тие зборови не се само празни фрази во етерот“, пишуваат од иницијативата „Охрид СОС“.