Македонија
21. November 2025 - 16:42

Одреден куќен притвор за двајца даночни инспектори, Обвинителството најави жалба

Кочанскиот суд одреди куќен притвор за двајцата даночни контролори од Штип кои земале мито и го информирале сопственикот на Пулс кога дискотеката ќе биде контролирана. Двајцата беа уапсени вчера заедно со уште шестмина даночни инспектори на УЈП под сомнение за примање поткуп и злоупотреба на службената положба..

„Основниот суд Кочани, постапувајќи по поднесени мерки за обезбедување на присуство против 8-осум осомничени лица поврзани со кривичен правен настан, пожар во дискотеката „Пулс“, во текот на вчерашниот ден постапуваше по истите и за 6-шест осомничени лица определи повеќе мерки на претпазливост, додека спрема 2-двајца осомничени лица, изрече мерка Куќен притвор“, велат од Основен суд – Кочани. 

Мерката Куќен притвор е одредена за Дуле Димитриев и Драганчо Паунов, братот на претседателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска. За нив обвинителството бараше ефективен притвор. Од кочанскиот суд денеска не образложија зошто судијата на претходна постапка не го прифатил предлогот на обвинителството и наместо ефективен, одлучил дека двајцата даночни контролори по апсењето треба да заминат во куќен притвор. Кочанското обвинителство најави дека ќе поднесе жалба на одлуката донесена од судот во Кочани.

Според истрагата, даночните контролори му кажувале на сопственикот на Пулс кога објектот ќе биде контролиран, а за возврат добивале пари и подароци. 

„Станува збор за двајца даночни контролори од Регионалниот даночен инспекторат во Штип, кои ја искористиле својата службена положба и овластување и пристапот до податоци и информации за ненајавени контроли во правни субјекти и со цел да прибават противправна имотна корист и подароци, му ги откривале информациите и го предупредувале за контролите одговорното лице во клубот“, велат од Јавното обвинителство.

Осомничен е и сопственикот на Пулс бидејќи како што наведува обвинителството, Дејан Јованов при контроли на УЈП приложувал преправани фискални апарати со лажни податоци со цел да избегне парични казни и затворање на објектот.