Одобрено обвинението за пожарот во Пулс
По цели три месеци отткако ја доби надлежноста, скопскиот кривичен суд во целост го одобри обвинението за пожарот во кочанската дискотека.
34 лица седнуваат на обвинителна клупа, првообвинет е сопственикот на дискотеката, а со обвинението се опфатени и неговите три фирми.
Ќе одговараат за „Предизвикување на тешки дела против општата опасност“.
Меѓу обвинетите се двајцата поранешни министерки за економија Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување кои биле на функција во последните 13 години, меѓу кои и Шабан Салиу кој во моментов е министер без ресор.
Според обвинението сите тие со свесно непостапување според прописите придонеле за кочанската трагедија.
Објектот не ги исполнува техничките услови за вршење угостителска дејност, немал одобрение за реконструкција, немал основен проект за реконструкција и елаборати како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, не бил изработен и план и процена за заштита и спасување, а во моментот на пожарот во дискотеката имало двојно повеќе лица од дозволеното.
Ваквото обвинение Кривичен го одобри денеска, на последниот ден од рокот.
Оттаму појаснуваат дека изминатите три месеци се соочиле со низа проблеми, прво со доставување на обвинението до сите странки, со оглед дека се работи за 37 лица и 33ца адвокати.
Во меѓувреме, од советот за оценка на обвинението морале да бидат изземени две судијки. Судијката Билјана Коцевска побарала изземање бидејќи нејзината ќерка е бранител на дел од осомничените, а судијката Бранка Наумовска поради роднинска врска со една од жртвите.
Поради конфликт на интереси, од постапување во кривичниот совет бил изземен и судијата Ивица Стефановски.
И покрај овие предизвици од судот велат дека постапиле најефикасно што можеле имајќи го предвид јавниот интерес и чувствителноста на над 250 оштетени лица и семејства на загинатите во пожарот.
Според АКМИС системот предметот ќе го суди судијката Дијана Груевска Илиевска, а датумот за одржување на првото рочиште ќе биде одреден следните денови.
Од Кривичен информираат дека Груевска Илиевска е судјка со 19-годишен стаж, а измантите години ги судеше предметите Поткуп против екс премиерот Заев, случајот Ласкарци, а беше дел и од судечкиот совет за организаторите на 27 април.
Во пожарот во кочанската дискотека на 16март загинаа 62 лица, а 200 беа повредени.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар