Бизнис
2. March 2018 - 17:37

Одложена средбата меѓу српскиот министер за трговија и македонскиот министер за земјоделие

“ Нема зошто да доаѓам во Скопје со оглед на тоа дека нема одржливо решение и спогодба за српското брашно. “ Вака српскиот министер Расим Љајиќ  го искоментира за српските медиуми одложувањето на состанокот со министерот Николовски. Двајцата министри продолжуваат со преговорите, а Љајиќ се закани со контрамерки ако не се надмине спорот.

- Цел на Владата на Србија е во иднина да се избегнуваат ситуации во кои секоја година имаме вонцарински бариери на извозот на српското брашно во Македонија.  Ова е веќе 13-ти пат во последните неколку години да се поставуваат бариери преку различни модалитети кои во голема мера им го отежнуваат на српските мелничари извозот на македонскиот пазар. За да не се воведат контрамерки како единствена алтернатива ако не биде постигнат договор, Mакедонија и Србија  на секој начин ќе се обидат да дојдат до заеднички прифатливо решение, изјави Расим Љајиќ, Српски министер за трговија туризам и телекомуникации

Од МЗШВ остануваат на ставот дека контролните маркици на српското брашно ќе се лепат во земјава, откако содржината  ќе се испита во нашите лаборатории, по што брашното ќе се пушти во промет.Потсетуваат дека  истите правила важат и за македонските производители.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, изврши само усогласување на постоечкиот Правилник, со цел да се гарантира безбедност и квалитет на увозното брашно и дека истото ќе се пушта во малопродажба откако ќе добие контролна маркица. Во останатите одредби од Правилникот нема промена и нема никакви дополнителни финансиските трошоци за увозниците. Со новите измени во правилникот на увозниците им се гарантира прецизна постапка на добивање маркици, побрза и поевтина во споредба со претходните години.

На обвинувањата на српските млинари кои велат дека со ставањето на маркиците во земјава извозот им е неисплатлив реагираат македонските млинари. Велат Истите правила важат и за нив кога извезуваат во Србија. Проблемот е што Правилникот не се почитувал во земјава.

Неодамна и премиерот Заев изјави дека во интерес на двете земји е проблемот брзо да се реши. Македонија од Србија увезува близу 50 000 тони брашно годишно. Речиси секоја година Србија се заканува со трговска војна но проблемот се надминува со договор меѓу надлежните министерства.