Одложен говорот на Пуџдемон за еден час
Каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон одлучи да го одложи говорот, во кој се очекува да соопшти дали овој автономен регион ќе прогласи независност од Шпанија или ќе се откаже од таа идеја. Говорот беше закажан за во 18 часот, но според најавите ќе биде одржан најмалку еден час подоцна.
Локалните медиуми соопштија дека во тек е средба на Пуџдемон со претседателот на Европарламентот Антонио Тајани и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер. Западните медиуми го оценуваат како добар знак одложувањето на говорот, оценувајќи дека тоа веројатно би можело да значи дека тој нема да прогласи независност на Каталонија.
Шпанските власти ја зајакнуваат безбедноста на аеродромите и железничките станици во Каталонија пред парламентарната седница, на која лидерот на автономната област Карлес Пуџдемон може да прогласи независност од Мадрид.
Низ улиците на Каталонија е присутно силно полициско обезбедување. Пред референдумот за независност на Каталонија на 1 октомври шпанските власти испратија дополнителни безбедносни сили во автономната област, со цел да се обидат да го спречат гласањето. Голем број од полициските службеници се уште се наоѓаат во Каталонија.
Некои граѓани на Барселона донеле и столици пред зградата на Парламентот за да ја следат ситуацијата.
Приврзаниците на независноста донеле знаме на Каталонија и стојат пред поставените барикади околу зградата на каталонскиот законодавен дом.
Според агенцијата Блумберг, шпанската полиција е подготвена да го уапси Пуџдемон доколку тој еднострано прогласи независност на Каталонија во неговото денешно обраќање пред парламентот.
Во меѓувреме, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска ги повика каталонските власти да не прогласуваат независност, бидејќи тоа би можело да го спречи дијалогот.
- Ве повикувам, во вашите намери да го почитувате уставниот поредок и да не прогласувате одлука после која дијалогот би бил невозможен. Различноста не смее и не треба да води до судири, чии последици сигурно би биле лоши за Каталонија, Шпанија и за цела Европа, истакна денеска Туск, за време на говорот на регионален форум во Брисел.
Поранешниот полски премиер ја истакна својата припадност кон етничко малцинство и личното искуство за полициско насилство во време додека бил антикомунистички активист во 90-те години од минатиот век.
Тој е припадник на Кашуба, западнословенски народ, кој главно живее во полската покраина Померанија.
Туск, исто така, го повика шпанскиот премиер Маријано Рахој да „побара решение за проблемот без употреба на сила“.
Обраќањето на Туск е одржано само неколку часа пред лидерот на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон да соопшти дали ќе прогласи независност на регионот или ќе се откаже од таа идеја.
Ново на Сител
-
19 годишник со „сеат алтеа“ удрил во женско лице кое починало на лице место
-
На 20-та собраниска седница, изгласани неколку предлог-закони во прво читање
-
Утре ќе биде нормализиран сообраќајот во Скопје
-
Приведени пет лица во Тетово - Одземени 450 грама марихуана | ФОТО
-
Сообраќајот се одвива непречено по наместа влажни коловози
-
Редовните претседателски избори во Хрватска ќе се одржат на 29 декември
-
Премиерот Мицкоски утре во Белград ќе се сретне со српскиот претседател Вучиќ и премиерот Вучевиќ
-
Кривична за тетовчанец - го продал возилото кое му било дадено како компензација за изработка на мебел