Здравје
10. March 2022 - 8:53

Одбележување на 10 Март – Светскиот ден на бубрегот

Светскиот ден на бубрегот – 10 Март, посветен на истакнување на важноста на здравјето на бубрезите, годинава се одбележува под мотото „Да се надминат непознавањата за да се зачува функцијата на бубрезите”.

Се проценува дека бубрежните болести погодуваат над 850 милиони луѓе ширум светот. Еден  од 10 возрасни има некоја форма на хронично заболување на бубрезите. Во глобални рамки ХББ (Хроничната бубрежна болест) секоја година расте и се предвидува дека во 2040 година ќе биде петтата болест како причина за смртност на годишно ниво. Два милони луѓе во светот се на дијализа.

И во Северна Македонија според статистиката еден од 10 возрасни или околу 200 000 граѓани имаат некоја форма на бубрежно заболување. Во краен стадиум на болеста (стадиум 5 – кога двата бубрега повеќе не можат да ги извршуваат функциите кои се од витално значење за организмот) кога е неопходно да се лекуваат со дијализа има околу 1600 пациенти, во 23 центри за дијализа.

ЈЗУ Универзитетска клиника за нефрологија организира настан по повод одбележување на Светски ден на бубрегот на кој се најавуваат обараќања на сопругата на претседателот на државата, Елизабета Ѓоргиевска и на министерот за здравство Беким Сали, како и лекари од клиниките за нефрологија, за кардиологија и за ендокринологија, и од Здруженија на пациенти и пациент со трансплантиран бубрег и
донор на бубрег.

Дијализата е најчесто застапен метод во нашата земја за третирање на крајниот стадиум на бубрежната болест, наведуваат од Здружението на бубрежно болни граѓани Нефрон кое од 2007 година се прикличи кон светската кампања на меѓународните организации ISN и IFKF за одбележување на World Kidney Day.

-Болестите на бубрезите може да се превенираат, навремено да се откријат и дијагностицираат за лекувањето, понатамошниот третман и справувањето со болеста да биде приспособено и полесено за секој пациент. Редовно, а најмалку еднаш годишно проверувајте ја функцијата на Вашите бубрези! Тоа може да го направите кај матичниот лекар со едноставно испитување на вредностите на уреа и креатинин – во секоја лабараторија, посочуваат од Здружението.

Најоптимален метод на лекување на бубрежната болест е трансплантацијата на бубрег која може да биде од жив донор или од кадавер, а дарителот може да биде познат член од семејството или пак непознат дарител, кога со “органодарителство’’ органите од починати лица со мозочна смрт се трансплантираат во телото на други лица за да се спаси нивниот живот.

-Трансплантацијата во нашата земја бележи напредок во последните неколку години благодарение на хуманоста на народот, стручноста и посветеноста на медицинскиот персонал. Кога органодарителството би било повеќе развиено и би се вршеле повеќе трансплантации, повеќе луѓе би можеле да се спасат од дијализа и достоинствено и поквалитетно да живеат со бубрежната болест. Трансплантираниот пациент е рахабилитиран, може да им се врати на своите животни обврски, да придонесува за семејството и општеството, не е “врзан за апарат’’ и може да патува, посочуваат од „Нефрон“.

Во РС Македонија и во светот болеста е застапена повеќе кај возрасната популација и машкиот пол. За разлика од тоа жените се побројни донори на органи. Најмладиот пациент на дијализа има само 2,5 години и е на домашна дијализа, а најмладиот пациент на хронична дијализа кој се дијализира во центар има 13 години. Најстарата пациентка има 90 години. Со современите дијализни третмани векот на преживување на дијализните пациенти е продолжен, пациентот со најдолг дијализен стаж во нашата земја е со 43 годишен стаж.

-На наше задоволство континуирано се зголемува бројот на трансплантации, аособено од кадаверични трансплантации. Вкупно 42 трансплантации на бубрези се извршени во текот на минатите две години за време на пандемијата, од кои 20 од починат донор. Најголем дел од трансплантираните пациенти се на возраст до 40 години. Како здружение на граѓани со долгогодишно искуство апелираме дека само со сплотени знаења може да се постигне подобра нега на бубрежно болните лица! Секој пациент треба да има еднаков пристап до превенција, третман и еднакви услови за лекување на бубрежните болести, порачуваат од. Здружение на бубрежно болни граѓани Нефрон – Скопје.

Светскиот ден на бубрегот World Kidney Day е најодбележуван настан во светот посветен на истакнување на важноста на здравјето на бубрезите. Светскиот ден на бубрегот се одбележува секоја година во вториот четврток од месец март, во повеќе од 200 земји ширум светот на сите континенти.