Одбележани 20 години постоење на Центарот за податоци и информации на ЕУ
Дваесет години постоење одбележа денеска Центарот за податоци и информации на ЕУ (ЕУи) кој од 1995 година работи во склоп на Економскиот факултет во Скопје. Во двете децении работа Центарот има интензивна соработка и поддршка од Делегацијата на ЕУ во Скопје во организирање работилници, семинари и други активности.
Раководителката на ЕУи Даниела Мамучевска истакна дека тој е дел од светската мрежа на европски информациски центри и активно соработува со останати центри и инфоточки на ЕУ.
- Основната мисија на Центарот е да обезбедува информации и знаење за европските интеграциски процеси, преку собирање на сите достапни информации и документација за и од Европската унија и нивно ставање на увид на сите заинтересирани корисници од земјава и од странство. За таа цел Центарот ги собира сите релевантни и достапни материјали за ЕУ, веќе имаме над 1.500 публикации и повеќе од 10.000 периодични објави публикувани од Европската комисија, Европскиот совет, Европскиот парламент и од други институции и организации на Унијата, рече Мамучевска.
По повод дведеценискиот јубилеј, деканот на Економскиот факултет Љубомир Дракулевски рече дека ЕУи ја зацврстил својата позиција на информативно јадро на ЕУ во РМ кое ги обединува сите слични и сродни центри во земјава и е активен чинител во промовирањето на значењето на евроинтеграциските процеси.
- Во изминатите 20 години ЕУи покажа континуитет во реализацијата на поставените цели и зрелост во донесувањето вистински одлуки. Се покажа и како добар домаќин на посетители од странски универзитети кои сакаа да се запознаат со начинот на кој работи, рече Дракулевски.
По повод јубилејот се обрати и евроамбасадорот Аиво Орав кој рече дека во 12 градови низ земјата се отворени инфо катчиња, вклучително на универзитетите во Битола и Тетово и во Универзитетската библиотека.
- Тие се нашите очи и уши во комуникацијата за функционирањето на институциите на Европската унија и процесот на европска интеграција. Центарот на Економскиот факултет веќе 20 години им помага на студентите и професорите во нивните истражувања. Заедно организиравме бројни настани на теми поврзани со промоција на ЕУ и проекти финансирани од Унијата. Тој помага во приближување на студентите до ЕУ и нејзиното законодавство, рече Орав.
Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими зборуваше за економијата и перспективата на патот кон евроинтегрирањето.
- Нашиот сон да не биде да заминеме и останеме во европските земји - членки на ЕУ и НАТО, туку нивните вредности и квалитетот на живот да ги донесеме тука. Затоа ни се потребни човечки ресурси и кадар кој ќе се справи со предизвиците во создавањето поконкурентна економија. Нашиот пат кон ЕУ е да се создаде добра основа, а тоа е, пред се, подобра перспектива за младите генерации кои ќе ја создаваат иднината на Македонија, рече Бесими.
Во оваа пригода вицепремиерот за европски прашања посочи дека е важно што со извештајот на Европската комисија Република Македонија повторно останала во фокусот на проширувањето и дека со условената препорака државата останува на тој пат.
Ново на Сител
-
МЗТ Скопје Аеродром ја одбрани титулата
-
Годишниот извештај за работата на Судскиот совет за ланската година на 51. седница на Собранието
-
Средба на Јаневска со студенти и професори од кампусот на Државниот дуален универзитет Баден – Виртемберг во Манхајм
-
Бела куќа: Трамп и кинескиот претседател Си веројатно ќе разговараат неделава
-
ЕК утре ќе објави дали Бугарија ги исполнува условите за прием во Еврозоната
-
Земјотрес со јачина од 5,8 степени меѓу грчкиот остров Родос и турското крајбрежје
-
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност
-
Со мотор излетале од пат, тешко повредени двајца малолетници