Македонија
12. February 2018 - 20:33

Одбележана кинеската Нова година

Во организација на Друштвото за македонско-кинеско пријателство и соработка, во Занаетчискиот дом Куманово денеска свечено беше одбележана кинеската Нова година 4715 која е во знакот на песот.

Присутните гости имаа можност да слушнат кинески и македонски песни и да проследат богата културно-уметничка програма. Организаторот ја честиташе Новата година, поскаувајќи, здравје, успех, богатство и унапредување на соработката помеѓу Кина и Македонија.

- Кинеската Нова година е позната и како голем фестивал кој почнува на денот на првото годишно раѓање на новата Месечина. Празнувањата траат петнаесет дена и завршуваат со фестивалот на лампионите, рече Љупчо Маленков, директор на Друштвото за македонско-кинеско пријателство и соработка. 

Кумановскиот градоначалник Максим Димитреивски искажа задоволство што токму општината е домаќин на ваква прослава со која,  рече, се потврдува космполитскиот дух на градот и изрази надеж дека соработката ќе продолжи и на полето на економијата и културата. Наредната година, рече Куманово ќе одбележи 500 години од своето постоење и најави дека се предвидени манифестации од Кина.

Проф. д-р Влатко Стоилков, македонски директор на Институтот „Конфуциј“ при УКИМ, истакна дека Институтот е формиран пред пет години и е мост на пријателство, но и начин за развој на културни, јазични и научни настани помеѓу НР Кина и Република Македонија. Пред присутните гости од Кина и Македонија ги образложи легендите за настанување на Кинеската Нова година.

Проф. д-р Лијао Веј, кинески директор на Институтот „Конфуциј“ при УКИМ, рече дека со поддршка на Владата Институтот остварил значаен развој, истакнувајќи дека расте бројот на слушатели за кинески јазик и дека има осум групи на курсисти во различни министерства кои следат настава по кинески јазик. Најави дека од оваа година Институтот ќе почне да организира полагање на стандардизираниот тест по кинески јазик, така што студентите, љубителите на кинескиот јазик, ќе можат во Скопје да го полагаат испитот.

Кинеска нова година 2

Советникот во Амбасадата на Кина во Македонија, Мао Ченг Вен рече дека фестивалот е најзначајниот празник во Кина, време во кое семејството и пријателите се дружат, кога се збогуваат со старата и ја пречекуваат Новата година.

За минатата, 2017-та, рече била година на неверојатен развој на односите меѓу Кина и Македонија. Нагласи дека во 2018 Кина и Македонија ќе одбележат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу земјите и дека ќе се осврнат на историјата на градење на односите во изминатиот четврт век, со надеж дека заеднички ќе се работи и ќе се прошири соработката во различни области.

Оваа прослава е една од најважните во Кина и се одржува помеѓу 21 јануари и 21 февруари. Кинескиот календар датира од 2600 години п.н.е. и е базиран на астронсомките набљудувања на движењето на Месечината и Сонцето.

Кинеската лунарна година составена е од 12 месеци, со по 29 и пол дена, а за да ја следи соларната година на секои две и пол години се додава по уште еден месец. Годинава е во знакот на песот за кој се верува дека верно ќе ја чува среќата.