Македонија
27. March 2016 - 13:09

Одбележан Светскиот ден на театарот во Македонија

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска по повод Светскиот ден на театарот го посети објектот во изградба на Турскиот театар и притоа на сите актери и театарски работници им посака многу премиери, многу театарски креации и многу уметност.

- Театарот е највозвишена сила и енергија во Република Македонија. Со изградбата на инфраструктурата за театарската дејност, како и на многу други објекти од областа на културата се оправдаа нашите заложби во таа насока, бидејќи Македонија има голем број врвни актери и уметници кои го трасираа патот на државата насекаде низ светот со нивните претставувања, награди и достигнувања, рече Канческа-Милевска.

Република Македонија и сите ние, како што нагласи, треба да бидеме горди на сето она што го поседуваме како културна, уметничка и историска вредност и, како што додаде сите заложби на Владата во таа насока ќе продолжат и во иднина, бидејќи најголемата сила на една држава е културата.

Во оваа прилика изрази задоволство што по иницијатива на директорот на Турскиот театар, Атила Клинче, денешниот празник симболично се  одбележува пред зданието кое ќе биде новата сцена на која, како што рече, ќе можеме да го видиме творечкиот естетски израз и да ја почувствуваме слободната енергија на уметниците.

- Во текот на сиве овие години ансамблот на Турскиот театар создаде и прикажа специфичен и мошне креативен театарски израз. Овој театар, несомнено дава автентичен придонес во интеркултурната комуникација на Република Македонија со светот, рече министерката за култура.

Потсети дека како никогаш досега во нашата држава се реализираа инфраструктурни зафати преку кои се изградени и се градат голем број театри, како новиот Македонски народен театар, велешкиот, струмичкиот, Турскиот, тетовскиот, Драмскиот театар, Театарот Центар, реконструкцијата на Албанскиот театар...

Канческа-Милевска истакна дека во театрите се реализираа и голем број вработувања, а во рамките на Годишната програма на Министерството за култура се поддржани голем број проекти со што значително се  збогатува продукцијата на нашите театри. - Уверена сум дека и во иднина ќе продолжиме со нашите заложби за  унапредување на театарската дејност, додаде таа.

Светскиот ден на театарот, како што нагласи Канческа-Милевска, традиционално ќе биде одбележан во сите театри во Република Македонија. - На сцените во Скопје, Битола, Штип, Прилеп, Охрид, Тетово, Куманово, Струмица, Велес љубителите на театарската уметност ќе имаат можност да погледнат богата програма која опфаќа повеќе премиерни изведби и други претстави како за помладата така и за повозрасната публика, рече министерката.

Во оваа прилика беа прочитани пораките на режисерте Анатолиј Василев и Бранко Ставрев по повод Светскиот ден на театарот.

На настанот одбележувањето на Светскиот ден на театарот присуствуваа  амбасадорот на Турција во Македонија Омер Шолендир, пратеникот Кенан Хасип, директорите на МНТ-Дејан Пројковски, Драмски театар-Роберт Велјановски, Театар Велес Јордан Витанов, Албански театар-, уметници, актери, режисери, драматурзи и др.

По повод Светскиот ден на театрите министерката Канческа-Милевска во 14:00 часот ќе присуствува на изведбата на претставата „Викај ги среќа“ во МНТ. Претставата е во режија на Златко Славенски и Куштрим Бектеше. Во претставата која е поддржана во Годишната програма на Министерството за култура настпуваат и актери аматери со Даунов синдром.

Вечер во 20:00 часот министерката за култура по повод Светскиот ден на театарот ќе присуствува на премиерата на театар Комедија- Случајот Хармс во режија на Дино Мустафиќ. Театар Комедија денеска одбележува и четири години од постоењето.

Директорот на Турски театар-Скопје Атила Клинче очекува дека брзо ќе заврши изградбата на новиот објект и оти во најскоро време овде ќе бидат изведени претставите.

Новиот објект на Турскиот театар е со површина од 2.600 метри квадратни, а се наоѓа во близина на Железничката станица во Скопје.