Македонија
16. February 2024 - 11:07

Од понеделник МВР ќе ги известува за готови пасоши граѓаните што се фотографирале во МРТВ и во ПС Пролет

Од понеделник (19 февруари 2024) граѓаните кои се фотографирале за пасош во објектот на МРТВ или во ПС Пролет ќе добиваат СМС-порака дека документот им е готов за   да дојдат да го подигнат.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека го воведува овој начин на известување за да се олесни процесот за подигање готови патни исправи. 

Исто така, граѓаните ќе можат на интернет-страницата mvr.gov.mk да проверат дали нивниот пасош е готов.

-Ова важи за граѓаните кои се фотографирале во објектот на МРТВ или во ПС Пролет. Граѓаните кои се фотографирале во другите пунктови во Скопје или во другите градови, готовите пасоши ќе ги подигаат на ист начин како и досега, наведува МВР.

Министерството ги замолува граѓаните да не доаѓаат во објектот на МРТВ доколку не добиле СМС-порака или ако на веб-страницата на МВР нема потврда дека нивниот пасош е изготвен.