Бизнис
12. November 2018 - 19:39

Од ноќеска значително поевтинуваат горивата

Историски пад на цените на горивата. Дизелот поевтинува за 3 денари, а бензините за 4,5 денари. Новите цени ќе важат од ноќеска по полноќ. Од Регулаторна велат дека ова е едно од најголемите поевтинувања на горивата.

“Денес Регулаторната комисија за енергетика има историско намалување од кога постои, едно од најголемите намалувања на цената на бензините и на дизелот. Така да, денеска бензините се намалија за 4,5 денари, дизелот се намали за 3 денари, а екстра лесното гориво се намали за 3,5 денари”, изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Причина за драстичните поевтинувања на горивата е падот на цената на нафтата на светските берзи. Во изминатите две недели барелот нафта се тргуваше по цени за околу 9% пониски од претходно.

“Уште еднаш сакам да потенцирам дека не е тоа апсолутно наша заслуга, ниту претходно беше по наша заслуга зголемувањето на цената. Едноставно такви се трендовите на берзите за нафта. Ние ја применуваме методологијата, која што е дел од купопродажниот договор, ратификуван од Собранието во 1999 година”, изјави Бислимовски.

ЕУРОСУПЕР 95 поевтинува за 4,5 денари и во следните две недели литар ќе чини 67 денари. Цената на ЕУРОСУПЕР 98 се намалува за 4 денари и ќе се продава по 69 денари за литар. Дизелот поевтинува за 3 денари и ќе се продава за 64,5 денари, а цената на Екстра лесното масло за домаќинство ќе биде пониска за 3,5 денари и ќе чини 53 денари за литар.