Свет
29. November 2017 - 9:45

ОН од Мјанмар бара извештај за силувања и убиства

Комисијата на Обединетите нации за правата на жените  побара од Мјанмар во рок од шест месеци да поднесе извештај за силувањата и сексуалната злоупотреба на  жени и девојки Рохинџи извршени од мјанмарските безбедносни сили во северниот дел на државата Ракајн и да преземе мерки за казнување на сторителите.

Комисија на ОН за елиминација на дискриминацијата врз жените, исто така од мјанмарската влада бара да се соопштат деталите за жените и девојките убиени во конфликтот откако започна воената конфронтација од крајот на август.

 	Рохинџи-2

Ова е четврто барање за „посебен извештај" кој се бара од некоја земја од 1982 година.

-Ние од државата бараме посебен извештај кога ќе се случат тешки, големи и систематски повреди и кога овие прашања се релевантни за мандатот на Комисијата. Тој посебен извештај, исто така, е и знак на  предупредување, изјави Нахла Хајдар, членка на таа комисија.

Според неа, целта на тој потег, е да им се помогне на властите на Мјанмар да „излезaт од тунелот на неодамнешниот конфликт, кој многу ја уназади државата Мјанмар, која беше на добар пат кон демократизација".

Експертите, исто така, побараа информации за „истрагите, апсењата, обвинетите, судските одлуки и пресудите изречени на сторителите, вклучувајќи ги и членовите на вооружените сили, кои се прогласени за виновни за ваквите дела".