Од идната туристичка сезона чартери Белгија - Охрид со „Томас кук“
Еден од најголемите и најстари тур-оператори во Европа, групацијата „Томас кук“ од идната година официјално почнува да работи и со Македонија. Ќе организира чартер летови Белгија - Охрид и сместувања во Охрид, соопштија денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски.
Договорите со нашите хотелиери, вкупно 16, се веќе потпишани и од наредната недела ќе бидат достапни на интернет страницата на „Томас кук“ за резервирање.
Деталите околу летовите и аранжманите воопшто ќе бидат подоцна дефинирани, но извесно е, како што истакна Пешевски, дека ќе има најмалку по еден чартер неделно. Доколку има потреба, бројот на летовите ќе се зголеми.
- Потпишувањето на овие договори ќе придонесе да се подобри странскиот туристички промет во државата, а директни придобивки ќе имаат сместувачките капацитети, а со приливот на средства од странските туристи дополнително ќе се раздвижи најпрво локалната економија, а потоа и економијата на државно ниво, подвлече вицепремиерот по средбата со Феликс Хортолами, менаџер за склучување договори на компанијата „Томас Кук“ за Белгија, на која присуствуваше и Џамбазовски.
Според него, Владата и Агенцијата посветија многу внимание и труд за привлекување на групацијата „Томас кук“. - Одржувавме комуникација подолг период со нејзините претставници, презентирани им беа туристичкиот производ, потенцијалот на Македонија како се уште неоткриена европска туристичка дестинација, како и условите што ги нуди Владата за субвенционирање на туризмот и инвестирањето во маркетингот, информира Пешевски.
И директорот на Агенцијата Џамбазовски рече дека по подолго преговарање „Томас кук“ го потврди присуството во Македонија од следната година, односно ставањето на земјава на нивната туристичка мрежа ширум Европа. Но, во меѓувреме, во тек се, потенцира, преговори и со други меѓународни тур-оператори.
- Владата настојува Македонија да прерасне во развиена туристичка земја. Доказ за тоа е статистиката која потврдува дека изминатите осум-девет години имаме раст од преку 100 проценти на странски посетители, напомена Џамбазовски.
Во првата половина од годинава над 206.000 странски туристи ја посетиле Македонија, што е за 11,6 отсто повеќе од истиот период лани. Бројот на туристи од Белгија, пак, покажува пораст од дури 42 проценти.
- Напорите што ги прави Владата ќе придонесат за дополнително зголемување на бројот на странски туристи и во втората половина од 2015-та, посочи Пешевски, најавувајќи дека продолжува владината поддршка за тур-операторите особено на оние кои реализираат странски туристички промет со цел отворање нови туристички пазари, подобрување на условите за македонските туристички производи и збогатување на понудата.
Менаџерот за склучување договори на „Томас Кук“ за Белгија Хортолами изминатите неколку дена престојуваше на охридско-струшкото крајбрежје каде со посредство на Агенцијата имаше средби со хотелиерите и во тие рамки ги потпиша договорите за аранжмани.
„Томас кук“ постои од 1841 година, опслужува над 22 милиона клиенти, а вкупната продажба на нејзините аранжамни е преку девет милијарди фунти.
Ново на Сител
-
Преглед на вестите од светот
-
Нова Комисија, стари правила
-
Мицкоски: Не отстапуваме од црвените линии
-
Попов: Постои само една Академија на науките и уметностите, тоа е МАНУ
-
Дигитализацијата како лек
-
Приватните превозници престанаа да возат, допрва ќе одлучуваат дали ќе го блокираат Скопје
-
Скопје се гуши
-
Желба на Дурмиши е минималец од 600 евра, ССМ бара 450 евра