Македонија
26. јуни 2020 - 17:02

Од денеска угостителите можат да примаат гости и во внатрешните простории

Од денеска угостителите можат да сместуваат гости и во внатрешните простории. Оние кои немаа летни тераси и досега беа зтаворени ќе можат да почнат да работат. Сепак угостителите сеуште чекаат одговор дали kомисијата за заразни болести ќе дозволи и жива музика во рестораните и кафулињата.

Кафеаните и рестораните од денеска можат да примаат гости и во внатрешните делови. Со оваа одлука оние угостители кои немаа летни тераси сега ќе можат да почнат да работата, за некои одлуката нема да промени многу затоа што  внатрешните делови им се помали и нема да можат да сместат многу гости.

Дел од угостителите почнаа уште веднаш да служат и  внатре, но некои сеуште го средуваат просторот. Сепак одговор од надлежните дали ќе се дозволи и жива музика засега нема. Со новиот Протокол тоа е забрането.

На ова реагираа и музичките работници.

Угостителите побараа што  е можно поскоро да се донесе и Протокол за организирање на свадби и други прослави и измени во делот на одредбата која налага на една маса да можат да седат четири лица само ако се од иста фамилија.

Денеска и туристичките водичи повторно побараа помош од државата, затоа што не биле вклучени во ниту еден пакет мерки.

Според Протоколот и во внатрешните делови и на летните тераси на масите мора да има средства за дезинфекција, перосналот треба постојано да носи заштитна маска, масите да бидат поставени на растојание до два метри, на една маса можат да седат две лица, четворица ако се од иста фамилија, тоалетите постојано да се дезинфицираат, а феновите за раце да не се користат.