Македонија
27. September 2021 - 16:49

Од денеска трета доза вакцина - Сител ги обиколи пунктовите

Професорката по дерматологија на медицинскиот факултет Весна Гривчева Пановска денеска меѓу првите доби трета доза вакцина против Ковид во земјава. Таа беше и во првата група здравствени работници кои се имунизираа со Фајзер во февруари со донацијата од Србија. Од тогаш се поминати 6 месеци и една недела и вели дека без двоумење се одлучила за бустер доза.

-Се одлучив зошто како човек, лекар и како професор на медицинскиот факултет и како алерголог, клинички имунолог, верувам и со сигурност сум уверена дека е тоа најдобриот начин да го заштитам своето здравје , здравјето на своето семејство и здравјето на сите пациенти и студенти со доаѓам во контакт, зошто не постои подобар начин без разлика што анителата ми се високи , не се ослонувам на тоа и апелирам граѓаните на Македонија да немаат илузија дека високата бројка на антитела значи дека апсолутно се безбедни и не им треба бустер, изјави за Сител проф. д-р Весна Гривчева Пановска, професор по дерматологија на Медицинскиот факултет.

Покрај здравствените работници од денеска трета доза вакцина можат да примат и лицата со имунолошки заболувања и сите постари од 60 години. Бидејќи граѓаните на оваа возраст во земјава подоцна почнаа да се имунизираат, денеска во пунктот во салата Борис Трајковски со трета доза се вакцинираа само оние кои пред 6 месеци првите две дози ги примиле во Србија. Само до пладне бустер им бил даден на 10-тина граѓани.

-Утринава дојдоа граѓани кои примиле Синофарм во Србија 2 дози и веќе се поминати 6 месеци и им е аплицирана Фајзер вакцината, имаше граѓани кои беа боцнати со Фајзер и Астра Зенека, така да имаше некој микс на граѓани кои ги примиле вакцините во странство, изјави д-р Кристијан Младеновски, од Здравствен дом – Скопје.

Здравствените власти најавија дека неделава ќе се произнесат дали ќе препорачаат трета доза вакцина против Ковид и за вработените во критичната инфраструктура, војска, полиција, возачи во ЈСП, вработени на патарини, воспитувачки во градинки...