Балкан
12. May 2021 - 12:54

Од денеска почнува исплата на 30+30 евра државна помош во Србија

Министерот за финансии на Србија, Синиша Мали изјави дека од денеска и утре, на околу два милиона пријавени граѓани ќе почнат да им се исплаќаат првите 30 евра државна помош, јави дописникот на МИА од Белград.

– Денеска, до седум часот и 30 минути, вкупно три милиони и 814 илјади граѓани на Србија поднеле барање за помош од 30 + 30 евра. Денеска ќе започне исплатата и помошта ќе биде уплатена за 640.000 лица, и како што најавив до крајот на следната недела парите ќе им бидат исплатени на сите кои се регистрирани. За утре се подготвени налози за исплата на еден милион и 400 илјади граѓани. Да напоменам дека пријавувањето трае до сабота, преку кол-центарот и преку порталот на Управата за трезор, кажа Мали на РТС и истакна дека се почитува динамиката на исплата на помошта, како што е ветено, соопштија од Министерството за финансии.

Мали изјави дека досега заедно со пензионерите, корисниците на социјалната помош и лицата кои издржуваат кривични санкции, се планира помош за повеќе од пет милиони и 800 илјади граѓани и посочи дека е очевидно дека српската Влада ја „погодила“ ова мерка, затоа што не би се пријавиле толку луѓе да не им требаат парите.

Тој ги повика граѓаните да ја искористат оваа можност и да аплицираат, бидејќи тоа е можно до сабота на 15 мај, потсетувајќи дека не треба да се грижат тие што немаат сметка, бидејќи е доволно да се избере банка за исплата на помошта, каде ќе се отвори наменска сметка.

Мали напомена дека пријавувањето на вакцинираните граѓани за 3.000 динари ќе започне од 1 до 15 јуни.

– Апликацијата ќе оди преку Управата за тезор, исто како и за 30 + 30 евра, а ќе се отвори и кол-центар. Податоците ќе бидат објавени на 1 јуни. Кој ќе прими барем една доза од вакцината до крајот на мај, има право на оваа помош. Важно е колку е можно поскоро да постигнеме колективен имунитет со цел целосно да ја отвориме нашата економија, изјави министерот Мали.