Македонија
17. November 2025 - 14:08

Од 24.000 на 34.000 денари поскапува полагањето за возачка дозвола од Б категорија

Цената за обука за возачка дозвола од Б категорија порасна за речиси 10.000 денари, што предизвика незадоволство кај кандидатите, пренесува порталот Денар.

Досега, целата обука чинеше околу 24.000 денари, но од овој месец изнесува 34.000 денари, а на тоа се додава и трошокот за изнајмување полигон од 250 денари по час. Тоа значи дека секој дополнителен час возење е нов финансиски товар.

Авто-школите објаснуваат дека поскапувањето било неопходно поради повисоките трошоци за гориво, техничка опрема и одржување на возилата, но и поради новите регулативи од Министерството кои бараат понапредни стандарди во обуката.

„Не можете да работите со цени од пред една деценија кога сè е поскапено“, велат сопственици на авто-школи во Скопје. Тие сепак признаваат дека многу млади сега ќе се премислат дали да започнат со часови по возење, бидејќи новата цена го надминува буџетот на повеќето фамилии.