Обвинителството отвори предмет за наводите за транспорт на мозоци од починати лица во САД
Како примероци од мозок од Македонија завршувале во САД како дел од долгогодишно научно истражување? Обвинителството отвори предмет по допрен глас и ќе испитува дали има елементи на кривично дело.
-Предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое треба да преземе дејствија на прибирање официјални информации од надлежните органи, институции и здравствени установи, во насока на утврдување на евентуално нелегално постапување со човечки ткива и биоматеријали, пропусти или злоупотреби при добивање дозволи и согласности, велат од Обвинителството.
Ова следува по објавените информации во јавноста од досието на починатиот милјардер Џефри Епстин, дека од околу 1000 примероци од мозоци во банката за истражување на шизофренија и самоубиства, имало и мозочни ткива од Македонија.
Алексеј Дума и Горазд Розоклија како носители на проектот тврдат дека ги имале сите потребни одобренија и согласности. Работна група оформи и министерот за здравство, но вели дека нивните ингеренции се само во делот на издавањето на дозволи за влез и излез на биолошки материјали.
-Јас барам од групата да дојде до информации како тоа е направено, како тој материјал стигнал од една земја во друга, тоа е нашата работа, вели Азир Алиу, министер за здравство.
Но дали ќе дојдат до податоци од пред 30 години е нејасно бидејќи во тоа време обврската за чување на документи била 15 години.
Сепак, Алиу лично смета дека се мали шансите да имало злоупотреби бидејќи мозочните ткива биле извезувани во моѓна држава како САД кои имале јасни протоколи за биолошки материјали. имајќи во предвид, како што вели
-Името од другата страна, се работи за престижен универзитет, исто така научникот е човек кој е светско име и лично тргнувајќи од себе не верувам дека може таа држава, тој универзитет и таа лабораторија да дозволат да има импорт на биолошки материјал без да има јасни протоколи, вели Алиу.
Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека не сака јавно да коментира за случајот пред да заврши истрагата.
Не би коментирал јавно било што додека не добиеме поконкретно. Сепак е состојба што се случувала пред неколку децении. Да оставиме на обвинителството и истрагата да одговорат“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Влада.
Инаку во проектот кој почнал 1996 година, биле вклучени најмногу младите кадри од Институтот за судска медицина со цел и нивна едукација.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
