Македонија
26. April 2025 - 16:42

Обвинителството обезбедува докази од вчерашната престрелка на Бит пазар – власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања

Обдукција врз телото на починатиот и вештачење на прибраните траги од местото на вчерашната престрелка во близина на полициската станица кај Бит пазар. Јавен обвинител веќе извршил увид на лице место на инцидентот кој се случи среде бел ден и ги вознемири граѓаните.  Чаури по улиците и искршени излози на продавниците сведочеа за пукањето а тешко повредениот неколку часа подоцна им подлегна на повредите во скопскиот клинички центар. 

-По наредба на јавен обвинител се обезбедуваат снимки од видео надзор од околните објекти. Се издаваат сите потребни наредби и насоки за идентификација на инволвираните и целосно расчистување на настанот, стои во соопштението од ЈОРМ.

И овој инцидент беше повод за меѓусебни препукувања меѓу власта и опозицијата. Од СДСМ бараат оставка од Тошковски за како што велат, нарушената безбедност на улиците. 

-МВР, под водство на Панче Тошковски, како никогаш досега е паднато на колена до таа мера, што вчера пред полициска станица, сред бел ден во Скопје, се случи уште една мафијашка престрелка. 

Пред очите на јавноста, во двор на полициска станица се случуваат крвави пресметки со загинати и повредени. 

Ова е тотален распад на безбедносниот апарат. Нешто сериозно не е во ред со институциите, со системот. А цената за неспособноста во управување со безбедносниот систем ја плаќаат граѓаните и тоа прескапо, со своите животи, вели Симона Цветаноски – СДСМ. 

Од ВМРО-ДПМНЕ им вратија дека системот функционира, се водат истраги и се апсат луѓе кои порано биле недопирливи.

- Во мандатот на нивниот долгогодишен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски се доделуваа македонски пасоши на светски криминалци, наркобосови, мафијаши, па дури и на припадници на ИСИС. Луѓе од системот под раководство на СДС и Спасовски споделуваа информации со наркокартелите што ги загрозуваа акциите на меѓународните институции за сузбивање на трговијата со дрога.

Ва време на владеење на СДС и со Спасовски на чело на МВР јавно беше познато дека, мафијата си доби своја држава, велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Загинатиот 31 годишник во вчерашната престрелка бил син на поранешен командант на ОНА кој починал пред 7 години. По вчерашниот увид информациите беа дека пукањето било меѓу две групи од по 5-6 лица.