Македонија
1. October 2021 - 19:56

Обвинителството го доби првиот извештај за трагедијата во Тетово

Одделението за крим техника во МВР го затвори извештајот од направениот увид за пожарот во тетовската модуларна болница. Документот од денеска е во рацете на обвинителите во Тетово, но не се откриваат детали од неговата содржина. Од обвинителството велат дека извештајот сега ќе биде под лупа на обвинителите кои ја водат истрагата. Во меѓувреме, Јавното обвинителство соопшти дека очекува да пристигнат и други извештаи и податоци. Се бараа вештачења од електротехничар и Градежниот институт, а како што велат од обвинителството, во тек бил и распитот на лица кои го спроведувале проектот за изградба, поставување и предавање во употреба на ковид болниците.

„Дејствијата за утврдување на причините за настанатиот пожар кои ги преземаат петмината обвинители континуирано се одвиваат. Во моментов се врши сослушување на членови на Комисии за имплементација, следење и технички прием на модуларните монтажни контејнери, кои биле со решение формирани од Министерството за труд и социјална политика“, велат од Јавното обвинителство.

Од таму не откриваат дали го добиле извештајот од германските експерти. Од Федералната криминалистича полицијата на Германија, за Сител појаснуваат дека македонската влада побарала помош во истрагата и не можат да дадат дополнителни информации.

Според Премиерот Заев, извештаите од истрагата биле на крај и очекува наскоро да бидат објавени.

Пожарот во тетовската модуларна болница се случи доцна вечерта на 8ми септември. Во огнената стихија која за помалку од пет минути го зафати целиот објект, живи изгореа 14 лица.