Македонија
12. September 2023 - 16:36

Обвинителството ги чека предлозите од пациентите, партиите со меѓусебни обвинувања за случајот „Онкологија“

Обвинителството и официјално ги известиле онколошките пациенти, тројца нивни претставници да имаат увид во целата постапка за скандалот на Онкологија. Ги чекаат имињата за веднаш да им овозможат увид во досегашниот тек на прибирање и анализирање на доказите.

Во самото известување е наведено дека се остава предлагачите сами да го одредат начинот на пријавување и избор на пациентите, со цел да се обезбеди непристрасност на изборот, велат од ЈОРМ.

Поголем број граѓани и денес како и вчера телефонски разговараат со обвинителите, сакајќи со своите приказни и патешествија да помогнат во истрагата. А додека надлежните чешлаат болнички истории и и ги проверуваат наводите за препродажба на скапата терапија на грбот на болните, пациенти на социјалните мрежи реагираат дека повторно има недостиг на одредена терапија за рак. Истото го велат и од ВМРО-ДПМНЕ, чија Комисија за здравство апелира до граѓани да им доставуваат поплаки за проблемите што ги имаат на Онкологија.

Пациентите и нивните семејства се жалат дека ниту во моментов ја нема потребната современа терапија за сите пациенти кои имаат потреба од истата.

Ги охрабруваме сите кои се соочиле со проблем да продолжат да ги доставуваат до Комисијата на следниот маил: komisijazazdravstvo@gmail.com

Истите ќе бидат разгледани во доверлива постапка.

Со пријавување на неправилностите целта е да се работи на надминување на истите, бидејќи се соочуваме со целосно растурен здравствен систем, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак им возвратија дека прават само штета на целата постапка.

ДПМНЕ падна толку ниско што злоупотребува болни и наместо да ја поздрави истрагата, ја попречува, со обиди да ја политизира и да ја меша со непостоечка надлежност.

Ова само потврдува дека Мицкоски стравува што ќе покаже истрагата, за се што се правело на Онкологија години наназад.

Секој што се огрешил во случајот со Онкологија ќе се соочи со одговорноста и ќе биде изнесен пред лицето на правдата, без разлика на партиска, етничка или друга припадност припадност, стои во соопштението на СДСМ.

За скандалот на Онкологија реагираат и пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, зошто уште не формирана анкетната Комисија.

-Уште еднаш апелираме и бараме веднаш да се донесе Одлуката за формирање на Анкетната комисија во Собранието, бидејќи за овој грозоморен скандал мора да има правда и одговорност. Во спротивно, ќе се докаже и покаже дека сите од власта сесоучесници во овој криминал на Онкологија, вели Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Собранието нема одговор зошто се уште не е формирана анкетната комисија.