Обвинителството бара повисока казна за возачот кој ја прегази Теодора
Јавното обвинителство бара повисока казна за Менсур Пајазити кој неодамна беше осуден на две години затвор за сообраќајка во која загина 22-годишната тетовчанка Теодора Ристовска.
„Жалбата е вложена поради висината на кривичната санкција, која според обвинителот е преблага во однос на тежината на стореното кривично дело и степенот на кривична одговорност на обвинетиот“, велат од Јавното обвинителство.
Барањето следи по незадоволството од јавноста за одлуката на судијата Елведин Ферати. На ист став се и во Јавното обвинителство, од каде велат дека, бараат построга казна заради тешките последици од сообраќајката во која Теодора прво била тешко повредена, а подоцна и починала.
Случајот го анализираше Судскиот совет кој смета дека казната не можела да биде повисока бидејќи првичната од три и пол години ја намалил Апелациониот суд и според Законот за кривична постапка, построга казна во повтореното судење е забранета.
Но, според обвинителството, сепак постоел простор за корекција на пресудата. Последниот збор повторно ќе го има гостиварскиот апелационен суд.
„Општиот јавен интерес, предизвикан од зачестеноста на вакви кривични дела како појава, укажува на потребата од јакнење на казнената политика како превентивен механизам, па јавниот обвинител одлучи да ја искористи законската можност и да побара од Апелацискиот суд во Гостивар да ја преиначи казната во повисока“, велат од Јавното обвинителство.
Казната за Пајазити била намалена откако обвинителот на јавна седница во Апелациониот суд се согласил на поблага казна. Поради тоа, предметот за увид го побара и државниот јавен обвинител.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар