Македонија
9. јуни 2025 - 16:47

Обвинителство: Убиството на Вања е чин кој не може да се оправда

Остра осуда за убиството на Вања изрази Јавното обвинителство во својот завршен збор од процесот кој се води во скопскиот кривичен суд. Според обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска, убиство, особено убиство на дете, не е само чин на бруталност, туку тоа е директен напад врз човештвото и општеството. 

„Тоа е дело кое не остава простор за рамнодушност, тоа е чин кој не може да се оправда. Сторителите на злоделата не заслужуваат само правна правна, туку и длабока морална осуда“, рече во завршен збор јавната обвинителка. 

Таа детално објаснуваше како се одвивало планирањето на двете убиства, рече, обвинетите Велибор, Влатко, Боре и Љупчо, се познавале доволно за да сковаат морбиден план за филмско сценарио. Го киднапирале и убиле велешанецот Панче, а според обвинителката, во грабнувањето на Вања, помогнал и нејзиниот татко Александар кој заедно со грабнувачите седи на обвинителна клупа. 

„Мотивирани од високите суми парични средства, во неделата вечерта таткото Александар го информирал Палевски дека Вања во понеделник сама ќе оди на училиште. Ја убиле ладнокрвно, иако и самите имале деца, немале чувство кон Вања. Сакале со парите за Вања, да им обезбедат свадби и погодности за сопствените деца“, кажа во завршен збор обвинителката. 

Обвинителството не прецизираше колкава сума пари обвинетите требало да добијат за грабнувањето на Вања, ниту пак кој ќе ги исплати. Потсети дека Александар Ѓорчевски го одолговлекувал процесот за префлрање на станот од негова во сопственост на неговите деца. 

Според одбраната, ниту со завршниот збор обвинителството не успеало да го докаже мотивот за двете убиства. 

Судењето со завршни зборови на обвинителството продолжува и во среда.