Македонија
29. August 2022 - 16:44

Обвинителот Пеливанов седнува во столчето на Русковска

Трајче Пеливанов е нов шеф на Обвнителството за организиран криминал и корупција на местото на суспендираната Вилма Русковска. Обвинителот ќе раководи со оваа институција на предлог на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, а одлуката беше донесена на денешната седница на Советот на јавни обвинители.

Пеливанов бил едногласно избран од членовите на Советот. Привремено ќе ги презеде обврските на Русковска до завршувањето на нејзината суспензија која беше потврдена во петокот, или до избор на нов шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал.

Мандатот на Русковска истекува во ноември, па членовите на Советот на денешната седница се судриле со терминолошки дилеми.

Дали Пеливанов да биде назначен како вршител на должност, со оглед дека Законот предвидува ваква постапка но само доколку на Русковска и бил истечен мандатот или е разрешена, што не е случај со суспендираната обвинителка.

„Ако на Јавниот обвинител му престане функцијата или е разрешен од функција, Советот на јавни обвинители од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство определува јавен обвинител што ќе ја врши функцијата до именувањето на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, но не подолго од шест месеци”, пишува законодавецот.

Дополнително, Русковска има определено свој заменик, но ситуацијата ја комплицира што и заменикот, обвинителката Ивана Трајчева, е опфатена со истата дисциплинска постапка во која е и Русковска.

Членовите на Советот на крај се согласиле дека ова Обвинителство мора што побрзо да добие свој раководител, нешто на што апелираа и експертите, бидејќи институцијата претставува ударна тупаница во борбата против криминалот и корупцијата.

Пеливанов е во Обвинителството за гонење организиран криминал од април минатата година. Има вкупен стаж од 11 години како Обвинител, а четири години бил и дел од тимот на Катица Јанева во поранешното СЈО.