Обвинетиот кој со мотор усмрти пешак призна вина
Фатон Љури кој во јули годинава со мотор го усмрти 67 годишниот Југослав Николовски на пешачка патека зад Владата призна вина за кривичното дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Тој е обвинет и за неукажување помош, но во судницата, ова кривично дело не го призна.
„Се чувстувам виновен за сообраќајката. Не би сакал да се случи тоа. Никој не би сакал да се случи такво нешто. Големо сочуство до фамилијата. Да можам да сменам нешто, би го направил тоа. За другото дело не се чувствувам виновен. Таму бев и давав помош, имаше и двајца полицајци“, изјави во судницата обвинетиот Фатон Љури.
Обвинителството го гони Љури бидејќи вечерта на први јули го прегазил Николовски со мотор кој го возел по пешачка патека, без дозвола и со неприлагодена брзина. Николовски или за блиските познат како дедо Југо од ударот бил тешко повреден и починал кратко по несреќата. Обвинетиот побегнал и ги оставил моторот и сопатникот.
„Иако дедо Југо лежел облеан во крв, по несреќата, Љури го оставил моторот и го напуштил местото на несреќата без да укаже помош. Додека, сопатникот на моторот иако бил тешко повреден, покажал доблест и останал на местото додека да дојде увидната екипа и брзата помош“, рече во судницата обвинителката Марија Џабирова Велков.
Судењето го следи и семејството на Николовски, неговите блиски бараат отшета и очекуваат правда.
„Ќе продолжат судењата. Се надеваме дека правдата во Македонија ќе функционира и дека некој што направил вакво дело, дело кое што не може да се прости, човек да оди да фрли ѓубре и на пешачка патека на кеј го прегази мотор и избега, едноставно немам коментар. Се надеваме дека правда ќе има“, изјави Бојан Бошковски, роднина на Николовски.
Судењето за кое Љури призна вина ќе продолжи по две недели. Тој во друга судска постапка ќе докажува дека не побегнал по несреќата.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
